Легендарната американска тенисерка Венус Вилијамс го запиша своето име во историјата на тенисот на начин на кој најмалку посакуваше. Поранешниот светски број еден го претрпе својот 10-ти последователен пораз во сингл конкуренција, откако во првото коло на Мастерсот во Мадрид беше поразена од младата Шпанка Кејтлин Квеведо со 6-2, 6-4.
Со овој резултат, 45-годишната Венус стана првата тенисерка во историјата која некогаш го држела врвот на АТП/ВТА листата (од почетокот на рангирањето во 1975 година), а која изгубила 10 официјални мечеви по ред.
Судир на генерации: Победи за кои Квеведо само сонувала
Разликата во искуството беше енормна – Венус Вилијамс веќе имаше освоено шест од своите осум Грен слем титули пред нејзината противничка Квеведо воопшто да биде родена. Сепак, 20-годишната Шпанка, која моментално е 140-та во светот, не покажа страв во својот прв настап на турнир од серијата 1000. Иако Венус водеше со 3-0 во вториот сет, младата Квеведо успеа да направи целосен пресврт и да ја елиминира финалистката од 2010 година.
Последната победа на постарата од сестрите Вилијамс датира од јули минатата година, кога ја совлада Пејтон Стернс на турнирот во Вашингтон. Оттогаш, ветеранката со пет титули од Вимблдон и две од УС Опен, никако не може да ја пронајде вистинската форма.
What a switch up 🤯@Venuseswilliams takes charge at the start of the second set#MMOpen pic.twitter.com/bgRSIRdD5g
— wta (@WTA) April 21, 2026
Додека Венус се бори, Серена сè уште е енигма
Додека Венус продолжува да ги соборува рекордите за најмногу настапи на Грен слем турнирите (дури 95), нејзината сестра Серена (44) сè уште е во центарот на вниманието на јавноста. Иако не е активна од УС Опен во 2022 година, Серена никогаш официјално не објави пензионирање.
Шпекулациите за нејзино враќање се засилија откако таа повторно влезе во програмата за анти-допинг тестирање надвор од натпреварувањата, што е задолжителен услов за враќање на терените, но до овој момент нема официјална најава за нов настап на 23-кратната Грен слем шампионка.
За Венус, пак, останува прашањето колку уште нејзиното тело и мотив можат да го издржат професионалниот ритам по ваквата негативна серија.



