Во вест која истовремено е и возбудлива и тажна, поранешниот англиски репрезентативец и еден од најголемите таленти на својата генерација, Џек Вилшер, е назначен за нов менаџер на Лутон Таун. На само 33 години, возраст на која многумина сè уште играат на врвно ниво, Вилшер ја започнува својата прва сериозна тренерска авантура.
Ова назначување е романтична приказна, тој се враќа во клубот каде што како 8-годишно дете ги направил првите фудбалски чекори, пред да замине во Арсенал. Но, истовремено, тоа е и тажен потсетник за една кариера уништена од повреди.
“Што можеше да биде”: Човекот што ги “изеде” Чави и Иниеста
“33 години… морав двапати да проверам”, “Човече, тажно е кога ќе сфатиш. Овој човек го имаше целиот потенцијал на светот”, се само дел од коментарите кои најдобро го опишуваат чувството.
Џек Вилшер беше предодреден за големи работи. Сите се сеќаваат на легендарниот натпревар од Лигата на шампионите во 2011 година, кога како 19-годишник, тој буквално доминираше во средниот ред против најдобриот тим на сите времиња: Барселона на Чави, Иниеста и Меси. Тоа беше партија која го најави раѓањето на нова светска ѕвезда.
Но, повредите го уништија. Неговите стаклени зглобови не можеа да го издржат товарот на модерниот фудбал, па тој беше принуден да ја заврши кариерата на само 30 години.
Новиот предизвик: Со советот од Артета до успех во Лутон?
Сега, Вилшер е подготвен за нов почеток. По кратките искуства во академијата на Арсенал и како привремен менаџер на Норич, тој го презема Лутон со јасна цел – да го врати клубот во Чемпионшип.
“Ова е огромна чест. Се чувствува како да се затвора кругот”, изјави Вилшер.

Интересно е што тој открива дека побарал и совет од својот поранешен соиграч, а сега според фановите на Арсенал, еден од најдобрите тренери во светот – Микел Артета.
“Микел ми рече: ќСамо скокни во водата и пливај најсилно што можеш'”, открива Вилшер, додавајќи дека ќе се обиде да ја имплементира истата филозофија на единство и семејна атмосфера што Артета ја создаде во Арсенал.
На крајот, ова е приказна за еден човек чија играчка кариера беше трагично скратена, но кој сега има шанса да ја испише својата тренерска бајка.



