9.8 C
Skopje

Непобедениот Силекс сака да продолжи во ист ритам и во Куманово

Објавено:

Екипата на Силекс засега има совршен старт на сезоната во Првата македонска фудбалска лига, откако оствари пет победи во петте кола. Ова претставува мотив за фудбалерите од Кратово да продолжат со победите и на гостувањето во Куманово кај екипата на Башкими.

Досега Силекс имаа две гостувања, од кои едниот натпревар против Арсими го добија со 0:1 и едниот го добија со службен резултат од 0:3 откако екипата на Шкупи не успеа да обезбеди соодветен терен за натпреварот.

Со петте победи Силекс се на врвот на табелата, а тренерот Александар Васоски за официјалната страна на Фудбалската федерација на Македонија изјави дека иако ова ќе биде едно од потешките гостувања сезонава, тие очекуваат да продолжат во победнички ритам.

Извор: https://www.ffm.mk

“Нè очекува тежок натпревар со добар противник. И покрај тоа што имаат два пораза по ред, можам да кажам дека станува збор за цврста екипа. Освен оној пораз од Струга ТЛ со 5:0, кога играа со играч помалку, на сите други натпревари се носеа добро. Дури и на моменти беа подобри од своите противници. Нема да го потцениме овој, како и ниту еден друг противник, и покрај нашиот одличен старт. Ќе се обидеме со нашата игра да дојдеме до нови три бода. Атмосферата во екипата е одлична и се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам и од ова тешко гостување ќе се вратиме со победа. На располагање ги имам сите фудбалери и верувам дека можеме да стигнеме до уште еден триумф”, изјави Васоски.

Од друга страна, екипата на Башкими бара победа после двата последователни порази во претходните кола против Струга Трим Лум и Шкендија.

“Работевме напорно на тренинзите и ќе го дадеме нашиот максимум на теренот. Го почитуваме противникот, Силекс, но нашата цел е победа. Се надевам дека ќе одиграме добар натпревар и ќе ги направиме нашите навивачи среќни”, изјави централниот бек на домаќините, Реџеп Мурати.

Натпреварот од 6. коло помеѓу Башкими и Силекс ќе се игра денеска (16.09) од 15:30 часот.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено