Норис со победа во Бразил, Верстапен од бокс до подиум!

Објавено:

Ландо Норис ја запиша својата седма победа во сезоната по сигурното издание за Големата награда на Сао Паоло, зад себе оставајќи го дебитантот на Мерцедес, Кими Антонели, додека Макс Верстапен со маестрално возење стигна од старт во боксот до подиумско трето место.

По сигурниот старт од пол-позицијата, возачот на Мекларен го задржа водството низ хаотичниот почеток на трката, во кој веднаш беше активиран безбедносниот автомобил по излетувањето на домашниот херој Габриел Бортолето со Саубер.

Веднаш по рестартот следеше нов инцидент. Оскар Пијастри закочи и го удри Антонели, кој пак го закачи Леклер, по што возачот на Ферари мораше да се повлече поради оштетена шасија, а Пијастри доби 10 секунди казна.

Во меѓувреме, Верстапен, кој стартуваше од боксот поради промена на моторот, доживеа рана драма со пробушена гума, но по влегувањето во боксот и промената на стратегијата започна неверојатно искачување низ табелата.

Норис, кој доминираше на патеката, ја заврши трката со 10 секунди предност пред Кими Антонели. Младиот Италијанец одби неколку обиди на Верстапен во завршните кругови и го запиша најдобриот резултат во кариерата со освоеното второ место.

Верстапен, пак, ја комплетираше тројката со неверојатно возење кое го потврди неговиот шампионски дух.

Извор: https://x.com/F1

„Притискав максимално! Оваа победа ја посветувам на Гил де Феран, кој ми беше ментор и голем пријател. Знам дека би бил горд денес“, изјави Норис по трката.

Позади подиумот, Џорџ Расел го задржа Пијастри и стигна до четврттото место, додека Австралијанецот заврши петти поради раната казна. Оли Берман уште еднаш импресионираше со Хас и заврши шестти, пред двојката од Рејсинг Бул, Лиам Лосон и Исак Хаџар, кои донесоа двојни поени за тимот. Топ десетката ја заокружија Нико Хулкенберг со Саубер и Пјер Гасли со Алпин.

Ферари доживеа катастрофален викенд со двојно откажување за Леклер и Хамилтон, кој имаше оштетување на подот и 10 секунди казна уште во првиот круг.

Со оваа победа, Ландо Норис уште повеќе се одлепува на врвот од шампионатот и продолжува да ја запишува својата најдобра сезона досега, додека Формула 1 сега се сели во Лас Вегас, каде што следува нов спектакл под светлата на пустината.

Извор: https://x.com/F1

Следете нè: Facebook | Instagram | X 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено