12.8 C
Skopje

НОВ ПРЕДИЗВИК ЗА “РИСОТ”: Костадинов потпиша за чешки гигант!

Објавено:

ОФИЦИЈАЛНО: Македонскиот репрезентативец Тихомир Костадинов има нов клуб! По истекот на договорот со полскиот Пјаст Гливице, неуморниот играч за врска како слободен играч се сели во Чешка, каде што потпиша за еден од најпознатите клубови во земјата, Сигма Оломуц.

Трансферот го потврди и спортскиот директор на клубот, Ладислав Минарж, кој не го криеше задоволството од ангажманот на македонскиот фудбалер.

“Како што најавивме, баравме засилувања во секоја линија. Тихомир Костадинов е искусен играч за средниот ред, докажан на меѓународната сцена со репрезентацијата и во полската лига. Веруваме дека ќе биде големо засилување за нас”, изјави Минарж за клупската веб-страница.

Извор: https://x.com/SKSigmaOlomouc

Овој трансфер доаѓа веднаш по напорните репрезентативни обврски, каде што Костадинов беше стандарден во дресот на Македонија на дуелите против Белгија и Казахстан. Поради тоа, тој доби заслужен краток одмор и веднаш ќе им се приклучи на новите соиграчи на подготовките во Австрија.

Самиот Костадинов го опиша овој потег како клучен чекор напред во неговата кариера.

“Се одлучив за Сигма затоа што сметам дека тоа е чекор напред. Чешката лига е меѓу десетте најдобри во Европа и ова е голем предизвик за мене. Имав многу позитивен впечаток од тренерот и спортскиот директор. Имам многу пријатели кои играле или сè уште играат во чешката лига и сите ми кажаа дека е квалитетна, напорна и брза. Се радувам што ќе имам можност да ја играм и да ја споредам со првенствата каде што сум играл досега”, изјави нашиот ас.

29-годишниот валандовчанец, кој на само 19 години замина од Тетекс, изгради респектабилна интернационална кариера низ Словачка и Полска. Иако во Пјаст имаше и голем пех со тешката повреда на коленото, успеа да се врати посилен и да го задржи репрезентативниот статус, докажувајќи го својот борбен карактер. Неговиот трансфер во клуб со сериозни традиции како Сигма е доказ дека напорната работа и квалитетот секогаш се исплатат. Со среќа, Тихо!

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено