Годините се само бројка, а Новак Ѓоковиќ е вечен! Во меч кој ќе се прераскажува со години, најдобриот тенисер на сите времиња го совлада бранителот на титулата, Јаник Синер, во пет сета (3-6, 6-3, 4-6, 6-4, 6-4) и се пласираше во своето 11-то финале на Австралија Опен.
На само четири месеци пред својот 39-ти роденден, Ѓоковиќ го врати времето наназад и одигра „винтиџ“ партија на „Род Лејвер Арена“. По повеќе од четири часа исцрпувачка борба, тој докажа дека сè уште е „ментална карпа“ која не може да се скрши, дури и кога против себе го има најдобриот од новата генерација.

Од бездната до победата: Лекција за издржливост
Мечот не започна идеално за Србинот. Синер, полн со самодоверба по минатогодишната титула и серијата победи над Новак, го освои првиот сет за само 38 минути. Иако Ѓоковиќ израмни, Италијанецот повторно поведе со 2-1 во сетови, ставајќи го „кралот на Мелбурн“ пред елиминација.
Но, тогаш на сцена стапи шампионскиот ген. Во четвртиот сет Ѓоковиќ ја подигна агресивноста, а вистинската драма се одвиваше во решавачкиот петти сет. Во клучните моменти, Новак спаси дури осум брејк топки, го скрши сервисот на Синер кога беше најважно и стави точка на мечот, станувајќи најстариот финалист во историјата на Опен ерата во Мелбурн.
„Морав да го сменам бројот на телефонот!“
По мечот, видно емотивниот Ѓоковиќ, со солзи во очите, се пошегува на своја сметка за лошата серија што ја имаше против Синер во последните месеци.
„Искрено, останав без зборови. Ова беше надреално. Јаник ме победи на последните пет меча. Го имаше мојот број, па морав да го сменам бројот на телефонот за вечерва! Шегата настрана, му благодарам што ми дозволи барем една победа,“ изјави Ѓоковиќ, додавајќи дека атмосферата го потсетила на легендарното финале од 2012 против Надал.
Финале од соништата: Ѓоковиќ против Алкараз
Во недела, светот ќе застане. Новак Ѓоковиќ ќе игра за својата рекордна 11-та титула во Мелбурн и невидена 25-та Грен Слем титула. Негов противник ќе биде светскиот рекет број еден, Карлос Алкараз, кој претходно во уште еден трилер во пет сета го елиминираше Александар Зверев.
„Ќе биде тешко, но не и невозможно. Карлос е неверојатен, но јас сум ’старо момче‘ кое треба рано да си легне. Се надевам дека ќе имам доволно гориво за в недела,“ порача Новак.



