Новак Ѓоковиќ победи во второто коло и го сруши рекордот на Федерер!

 

Објавено:

Уште еден ден на терените во Париз, уште едно историско остварување за Новак Ѓоковиќ. Српскиот тенисер ја продолжи својата мисија кон освојување на апсолутно рекордната 25-та Гренд Слем титула, откако во второто коло на Ролан Гарос, по голема борба и повремени осцилации, го совлада 24-годишниот Французин Валентен Роје со 3-1 во сетови (6-3, 6-2, 6-7, 6-3).

Иако првите два сета сугерираа брза и рутинска победа, домашниот тенисер поддржан од фанатичната публика на „Филип Шатрие“ успеа да го вовлече светскиот рекет број четири во вистински тениски маратон.

Пад на уште еден рекорд на Роџер Федерер

Со овој триумф, 39-годишниот Ѓоковиќ го завери своето неверојатно 21-во последователно учество во третото коло на Ролан Гарос. Но, она што е уште поимпресивно е фактот што тој денес стана првиот тенисер во историјата кој одиграл 120 натпревари на еден ист Гранд Слем турнир, рушејќи го досегашниот апсолутен рекорд на Роџер Федерер кој застана на 119 одиграни мечеви на Вимблдон.

„Искрено, ми олесна. Ова е многу важна победа во исклучително тешки услови и за двајцата играчи. Беше многу топло и мислам дека Валентен заслужува огромни пофалби за неговиот денешен настап. Се надевам дека нема да морам да играм против друг Французин до крајот на турнирот!“, изјави низ насмевка Ѓоковиќ веднаш по мечот.

Драма во третиот сет и потегот на турнирот

Првите два сета беа класично издание на Ѓоковиќ – совршено читање на играта на противникот и ласерски прецизни удари. Сепак, Роје одби да се предаде. Во третиот сет Французинот заигра на сè или ништо, успеа да го одведе сетот во тај-брејк каде спаси и една меч-топка при 6-5 за Новак, за на крајот да го освои сетот со 9-7, фрлајќи ја париската публика во тотален транс.

„Валентен доби огромна поддршка од публиката, што ми ја отежна работата. На меч-топката во тај-брејкот бев премногу пасивен и тој заслужено го доби тој трет сет. Искуството помага многу во вакви моменти. Во жарот на борбата мораш да дадеш сè од себе и да останеш фокусиран на секој поен, но тоа е полесно да се каже отколку да се направи“, додаде Новак.

Во четвртиот сет, Ѓоковиќ покажа зошто е најголем. Наместо да дозволи мечот да влезе во неизвесна маратонска драма, тој ја презеде контролата, а притоа го изведе и најдобриот потег на турнирот досега со нереален форхенд проектил од полн спринт кој помина надвор од теренот, буквално меѓу мрежата и столбот на судијата.

По спасени уште две меч-топки од страна на храбриот Французин, Ѓоковиќ конечно ја искористи четвртата шанса и го затвори натпреварот. Во следното коло, српскиот ас го чека победникот од дуелот меѓу Жоао Фонсека и Дино Прижмиќ.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено