Историскиот триумф на Александар Саша Зверев на Ролан Гарос предизвика лавина од честитки во тенискиот свет, но една порака со својата емоција и тежина комплетно ја засени конкуренцијата. Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, се огласи на социјалните мрежи со искрено, отворено и моќно писмо посветено на новиот грен слем шампион, со кого негува пријателство кое трае речиси две децении.
Ѓоковиќ во својата порака се врати на почетоците на нивното познанство, кога Зверев бил само 10-годишно дете кое сонувало за големата сцена, и јавно му оддаде признание за бруталната внатрешна војна што Германецот ја водеше против тип 1 дијабетес и против сите критичари кои тврдеа дека никогаш нема да подигне мејџор пехар.
„Се бореше на помошните терени со мојот најмал брат…“
Српскиот ас откри досега помалку познати детали за релацијата меѓу двете тениски фамилии, потенцирајќи дека патот на Зверев до Купот на мускетарите е чист пример за макотрпна занаетчиска работа.
„Саша, те познавам уште од твојата 10-годишна возраст. Се бореше на терените за тренинг со мојот најмал брат (Ѓорѓе), додека јас во исто време војував со твојот постар брат Миша на големата сцена, како во јуниорска, така и во професионална конкуренција. Со години негувам искрен, пријателски и полн со почит однос со целото твое семејство. Имавме безброј разговори за тениска тактика, стратешки потези, за животот, семејството, бизнисот… Се забавувавме и на теренот и надвор од него“, открива Ѓоковиќ.
Емоции за солзите во ложата и порака за критичарите
Новак, кој и самиот е познат по надминување на нереални здравствени и физички бариери во кариерата, посебно се осврна на здравствената состојба на Зверев и притисокот од јавноста кој вчера експлодираше во Париз.
„Знаејќи низ што сè мораше да поминеш и да издржиш со твојата болест уште од рана младост, начинот на кој ја надмина најголемата ментална пречка во себе и како ги замолчи сите оние критичари кои мислеа дека никогаш нема да освоиш грен слем – го прави овој триумф уште поспецијален и незаборавен. Гледајќи ги солзите радосници кои ги сподели заедно со твоите родители, брат ти и остатокот од тимот, ме направи навистина емотивен. Пресреќен сум што успеа и апсолутно го заслужуваш овој успех бидејќи работеше премногу напорно на секој можен фронт за да го оствариш ова. Уживај во моментот и молодец брат (браво брат)“, напиша Ноле во својата емотивна објава.
Со оваа порака, тенискиот крал уште еднаш покажа огромна спортска големина, потврдувајќи дека ривалството на теренот згаснува пред вистинските човечки и животни победи.



