6.8 C
Skopje

Новата ера на земјениот терен, кој ќе го преземе тронот на Надал?

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Пролетта во тенис значи само едно – време е за земја. Но оваа година започнува поинаку: по првпат во скоро две децении, Рафаел Надал нема да биде дел од европската земјена турнеја. “Кралот на земјата” го напушти теренот, оставајќи простор за нови херои.

Карлос Алкараз, минатогодишниот шампион на Ролан Гарос, ќе се обиде да го одбрани својот статус, додека светскиот број 1, Јаник Синер, се подготвува за враќање во Рим. Ѓоковиќ, пак, бара своја нова шанса токму на теренот каде Надал најчесто го стопираше.

Кај дамите, Ига Швјонтек останува “кралицата на земјата”, но конкуренцијата ниту таму не спие.

Се враќа и играч по суспензија за допинг, а судиската технологија ќе претрпи интересни промени. Сè на сè – нè очекува возбудлива сезона на црвениот терен.

Крај на една ера – почетокот на нова

Не може да се зборува за тенисот на земјен терен, без да се зборува за Надал. И после две децении дојде времето што никој не можеше да го замисли – она кога “кралот” нема повеќе да замавне со рекетот на својот терен.

Не дека Надал победуваше секојпат на Ролан Гарос од 2005 досега, но дури и кога не победуваше, неговата форма и физичка подготвеност беа секогаш главната тема на муабет. Пред да изгуби во првата рунда од Ѕверев на неговиот последен, минатогодишниот Ролан Гарос, сè за што се зборуваше во текот на тие месеци беше како неговото тело ќе успее да се носи на тлото кое го владееше во последните 19 години.

Извор: https://www.rolandgarros.com

И сега кога тронот е без крал, многу претенденти ќе пробаат да седнат на него. Младиот Алкараз е ланскиот освојувач на престижниот турнир во Франција, па секако дека ќе проба да ја зацврсти својата улога на земјениот терен и оваа година. Можеби во трката за тронот ќе му се приклучат и Ѕверев и Руд, а големи шанси има и светскиот број еден рекет, Јаник Синер, кој во мај ќе се врати на терените после суспензијата за допинг, почнувајќи од турнирот во Италија.

Но, можеби најинтересен кандидат е Новак Ѓоковиќ, кој можеби и најмногу од сите ја има почувствувано доминацијата на Надал на Ролан Гарос. Иако и Ноле важи за еден од најдобрите играчи на земјен терен на сите времиња, неговата врска со теренот во Париз е крајно разочарувачка и фрустрирачка. Единствен пат кога Ѓоковиќ успеал да победи таму, е за освојувањето на златниот медал на Олимпијадата во 2024 година, во титанскиот меч против Алкараз.

Можеби токму сега, со пензионирањето на Надал, е шансата на Ѓоковиќ да го покори и Ролан Гарос во трката за освојување на својот 25-ти Гренд Слем.

Извор: https://www.rolandgarros.com

Кралот го нема, да живее кралицата!

Кај жените титулата “кралица на земјените терени” и припаѓа на Ига Швјонтек. Но, оваа сезона ќе биде “да се биде или не” и за неа, бидејќи ќе треба да се избори за да остане на тронот. Швјонтек нема победено на голем турнир уште од ланската победа токму на Ролан Гарос, после три годишна доминација на црвените терени.

Таа ќе треба да ја врати самодовербата после неколкуте порази изминативе месеци, а шансата ќе ја бара во четвртата победа на Ролан Гарос или одбраната на титулите во Мадрид и Рим.

Другиот фаворит за освојување на “земјата” оваа сезона е Сабаленка, која е гладна за својот прв трофеј на Ролан Гарос. Добрата сезона и конзистентност и одат во прилог, а можеби токму годинава ќе ја скрши магијата која ја следеше досега да биде “секогаш толку блиску”, но никогаш на тронот.

Извор: https://www.rolandgarros.com

Како ќе влијаат новитетите во технологијата?

Отпечатоците од топката на земјениот терен знаат да бидат интригантни – понекогаш знаат да дадат сосема лажна претстава за тоа дали топката ја поминала линијата или не. Сега, технологијата ќе проба да го предизвика незгодниот терен со воведувањето на ELC (electronic line-calling).

ELC ќе го реши овој проблем, но нема да ги избрише физичките траги на теренот, па може да предизвика на почетокот вистински забуни помеѓу играчите и публиката. Историски гледано, воведувањето на нова технологија во спортот не поминуваат глатко, а сигурно и ова ќе биде таков случај во низата.

Извор: https://www.facebook.com/RolandGarros

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено