Новиот формат на ФИФА со третопласирани селекции ги изреволтира фановите!

 

Објавено:

Новиот формат на Светското првенство 2026, кој вклучува 12 групи по четири екипи и пласман на осумте најдобри третопласирани селекции, донесе невиден хаос во светот на фудбалот. Наместо фудбалски спектакл и фер-плеј, добивме натпревари во кои екипите активно бараат начин – како да загубат. Правилата кои требаше да донесат повеќе возбуда, се претворија во срамни тактички калкулации кои го убиваат натпреварувачкиот дух на турнирот.

Апсурдот во Групата Ј: Австрија и Алжир во битка за пораз

Најбизарната ситуација се случува токму во Групата Ј. Аргентина веќе го осигура првото место со две победи, додека Јордан со два порази нема никакви шанси за пласман поради новиот систем за меѓусебен скор. Австрија и Алжир, кои претходно го совладаа Јордан, се безбедно пласирани понатаму и нивниот меѓусебен дуел требаше да биде рутина.

Но, проблемот настанува поради костурот за нокаут-фазата. Репрезентацијата која ќе заврши на второто место ќе мора да игра против моќната Шпанија во 1/16 финалето. Од друга страна, тимот што ќе заврши на третото место (како една од најдобрите третопласирани екипи), веројатно ќе се соочи со далеку полесниот противник – Швајцарија.

Резултатот е комичен и трагичен во исто време: ниту една екипа не сака да победи! Австрија ќе се надева на пораз за да падне на третото место, додека Алжир ќе брка реми или пораз за да остане трет.

Касиљас критикува, историјата потсетува на „Срамот од Гихон“

Ваквиот развој на настаните предизвика лавина реакции ширум светот. Легендарниот шпански голман, Икер Касилјас, кратко и јасно го изрази своето незадоволство од новиот формат преку социјалната мрежа Х (поранешен Твитер):

„Ова правило за ‘најдобри третопласирани’ едноставно нема смисла за мене“.

Фудбалските аналитичари и фанови веднаш повлекоа паралели со еден од најцрните моменти во фудбалската историја кој се одиграл токму во градот Гихон, за време на Светското првенство во 1982 година во Шпанија.

Тогаш, во рамки на групната фаза се бореле репрезентациите на Западна Германија, Австрија, Алжир и Чиле. На последниот натпревар меѓу Германија и Австрија, Германците повеле со 1-0 уште во 10-та минута. Бидејќи тој резултат ги носел двете европски земји понатаму, а го елиминирал Алжир, играчите едноставно престанале да играат фудбал. Останатите 80 минути ги поминале во меѓусебни додавања на своја половина без ниту еден сериозен обид за гол, предизвикувајќи исвиркување дури и од сопствените навивачи.

Овој натпревар остана запаметен како „Срамот од Гихон“. На тој турнир, Чиле заврши последен во групата со пораз од Алжир (3-2), а по големиот скандал, ФИФА ги промени правилата и одреди последните натпревари во групната фаза да се играат истовремено. Сега, 44 години подоцна, правилата на ФИФА повторно овозможуваат калкулации кои го уништуваат интегритетот на играта.

Калкулации и контроверзии ширум Мундијалот

Ова не е изолиран случај на турнирот. Јавноста веќе бара ФИФА да отвори истрага за натпреварот меѓу Австралија и Парагвај, каде двете репрезентации одиграа скандалозно претпазливо реми кое им гарантираше пласман.

Слична е ситуацијата и во Групата Ф, каде Јапонија и Шведска не сакаа да победат бидејќи знаеја дека освојувањето на второто место носи пеколен дуел против апсолутниот фаворит Бразил.

Едно е сигурно, доколку ФИФА под итно не го промени системот за следните турнири и не воведе класична ждрепка за нокаут-фазата, Светските првенства ќе се претворат во обични математички пресметки.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено