Новиот стадион на Евертон е можеби еден од најдобрите во Премиер лигата

 

Објавено:

Со отворањето на сезоната во Премиер лигата, навивачите на Евертон имаа можност за прв пат да го гледаат својот тим на новиот Хил Дикинсон стадион. Клубот се пресели во својот нов дом после 133 години на стариот Гудисон Парк.

Проектот вреден 800 милиони фунти, претставува еден од најимпресивните модерни стадиони во Англија. Иако не е најголем, тој сепак има квалитети кои го ставаат на самиот врв на листата на најдобри во лигата.

Сместен покрај вода, во историското пристаниште Брамли-Мур, стадионот во Ливерпул е вистинско архитектонско ремек-дело. Неговиот дизајн влече инспирација од индустриската историја на градот, а градбата е спој на модерна архитектура со проткаена традиција на старите индустриски градби.

Американскиот архитект Ден Мејс, кој присуствуваше и на првиот натпревар на Евертон на неговото дело, вели дека сакал да ја задржи атмосферата од Гудисон Парк и на новиот стадион. Иако неговиот наследник е далеку помодерен од Гудисон Парк, сепак тој е изграден за да го задржи звукот, слично на својот претходник.

Со ова, новиот стадион на Евертон стана и најгласниот стадион во Премиер Лигата. На мечот за отворањето, биле измерени неверојатни 111 децибели за голот на Ендаје.

Ваквото задржување на звук е постигнато со стрмните трибини, па чувството е практично како играчите да се на теренот. Со капацитет од 52.769 седишта, можете само да ја замислите атмосферата на ваквата градба. Архитектот ја дизајнирал Јужната трибина под агол од 34.99° степени, а легалната граница е 35°. Металниот покрив е осмислен исто така во таа насока, а предвидено е тој да го одбива звукот и да го враќа назад на теренот.

Извор: https://x.com/Everton

Стадионот вклучува многу модерни капацитети. На плоштадот пред главниот влез навивачите може да си наточат пиво од автоматските машини или да си земат нешто за јадење од бројните целосно автоматизирани киосци.

Тој е изграден да биде самоодржлив, а вклучува план за искористување на енергијата од сонцето, ветрот и дождовницата, со цел да се користи само 100% чиста енергија.

Сепак, стадионот е изграден со идеја да се зачува домашното чувство од Гудисон Парк. На ѕидовите може да се видат фотографии од клупските икони, а латинското мото на Евертон “Nil Satis Nisi Optimum” е испишано во тунелот, за тимовите да може да го прочитаат пред да излезат на теренот. Делови од оригиналното пристаниште и историската железничка пруга се зачувани, со цел да се испочитува традицијата и поморската историја на градот.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено