Новиот тендер на УЕФА: Лигата на шампионите се сели на Netflix и Amazon?

 

Објавено:

Европската куќа на фудбалот (УЕФА) вчера објави голем тендер за продажба на ТВ-правата за клупските натпреварувања (Лига на шампиони, Лига Европа…) за периодот од 2027 до 2031 година. Иако ова е претставено како “иновација” и “чекор напред”, во реалноста, ова е потег кој може целосно да го промени начинот на кој го гледаме фудбалот, и да го направи уште поскап и покомплициран за навивачите.

Зад целиот проект стои новоформираната компанија UC3, заедничка фирма на УЕФА и Асоцијацијата на европски клубови (ЕЦА), предводена од претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи.

Што е ново? “First Pick” пакетот и ексклузивниот вторник

Новиот тендер воведува две клучни новини:

  • “First Pick” пакет: За првпат, УЕФА ќе понуди глобален пакет кој ќе му даде ексклузивно право на еден емитувач да го пренесува најдобриот натпревар од секое коло во Лигата на шампионите. Целта е да се привлечат дигиталните гиганти како Netflix, Amazon Prime Video, Apple TV+ и YouTube.
  • Спектакл во вторник: Од 2027 година, секоја сезона во Лигата на шампионите ќе започнува со еден ексклузивен натпревар во вторник, во кој актуелниот шампион ќе ја започне одбраната на титулата на домашен терен.

Преводот од “УЕФА-јазик”: Повеќе пари за нив, повеќе претплати за нас

Иако УЕФА користи фрази како “отклучување на нова вредност” и “подобро искуство за навивачите”, реалноста, како што коментираат фановите, е сосема поинаква.

“Отклучувањето на нова вредност е само кодиран јазик за ‘како да заработиме повеќе пари'”, “Честитки за бирократите за уште едно брилијантно ‘навивачко’ искуство”, се само дел од реакциите.

Ова во пракса значи дека правата за Лигата на шампионите ќе бидат расцепкани на уште повеќе делови. За да може да ги гледа сите натпревари, еден навивач во иднина најверојатно ќе мора да има претплати на неколку различни платформи: една за “дербито на колото” во вторник, друга за останатите натпревари, трета за среда, итн.

Новата реалност на фудбалот

На крајот, трендот е јасен. Фудбалот се повеќе се претвора во производ наменет за различни пазари, а сè помалку во спорт за обичниот навивач. Иако клубовите и УЕФА ќе заработат повеќе пари, прашањето е: по која цена?

Целиот извештај можете да го прочитате на “Ројтерс”.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено