Њујорк слави историја: Никси го „избришаа“ Кливленд за прво НБА финале по речиси три децении!

 

Објавено:

Чекањето долго 27 години конечно заврши. Кошаркарите на Њујорк Никс се пласираа во големото НБА финале, откако синоќа на гостински терен брутално го прегазија Кливленд Кавалирс со 130-93. Со оваа победа, Никси со максимални 4-0 ја затворија финалната серија на Истокот и ја обезбедија првата битка за шампионскиот прстен уште од далечната 1999 година.

Избраниците на Мајк Браун демонстрираа застрашувачка моќ во текот на целиот плејоф, а синоќешната партија беше само круна на доминацијата во која противникот едноставно немаше никакви шанси за одговор.

Монструозна доминација во рекетот и серија од 20-0 за кршење на отпорот

Иако Кливленд подобро го отвори натпреварот со водство од 8-2 на крилата на Донован Мичел, рамнотежата на паркетот траеше едвај неколку минути. Клучниот удар Никси го зададоа на крајот од првата четвртина. При резултат 30-26 за гостите, Њујорк направи нестварна серија од 20-0 во рок од пет минути, со која целосно го скрши отпорот на Кавалирс и уште тогаш ја најави катастрофата на домаќините.

Карл-Ентони Таунс одигра уште еден брилијантен натпревар, завршувајќи го дуелот со дабл-дабл ефект од 19 поени и 14 скокови. Никси буквално ги „убија“ домаќините под обрачите, остварувајќи неверојатна предност од 32-5 во поени од втора шанса, како и 33-9 во поени од транзиција.

„Чувствувам дека зборот ‘надеж’ предолго беше избришан покрај името на Њујорк Никс. Да се биде дел од оваа група која ја врати надежта кај навивачите е нешто навистина посебно“, изјави емотивниот Таунс по мечот.

Домаќините немаа никакво решение ниту за ОГ Ануноби кој уфрли 17 поени, Лендри Шамет додаде 16 од клупата (со неверојатни 11/12 за три поени во целата серија), додека Микал Бриџис и Џејлен Брансон постигнаа по 15 поени. Токму Брансон сосема заслужено го понесе признанието за МВП на финалната серија на Истокот, со просек од 25.5 поени и 7.8 асистенции по натпревар.

„Никси во четири“: Славните личности и легендите во еуфорија

Колку Њујорк беше доминантен на овој натпревар говори фактот што на почетокот на последната четвртина предноста изнесуваше максимални 45 поени, што му овозможи на тренерот Браун да ги повлече сите стартери на клупата на 7 минути пред крајот. Тоа беше знак за огромната колонија на навивачи на Никс во Салата во Кливленд бурно да го започнат славењето со скандирања „Никси во четири“.

По завршувањето на мечот, клупските легенди Волт „Клајд“ Фрејзер и Патрик Иуинг излегоа на паркетот за лично да им го врачат трофејот „Боб Кузи“ на новите шампиони на Истокот.

Кај поразените, Донован Мичел застана на 31 поен, додека Џејмс Харден целосно потфрли со 12 поени и слаб шут од игра (2/8). Ова е првпат Кливленд да претрпи „метла“ во плејофот уште од големото финале против Голден Стејт во 2018 година.

Никс сега мирно го чекаат својот противник во големото финале кое започнува на 3 јуни, каде ќе се соочат со подобриот од пресметката на Западот меѓу Оклахома Сити Тандер и Сан Антонио Спарс, серија која во моментов е комплетно израмнета на 2-2.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено