Иако нивните екипи водеа жестока битка на теренот, навивачите на Њукасл Јунајтед и Астон Вила застанаа заедно на трибините. На отворањето на новата Премиерлигашка сезона во Вила Парк се слушнаа заеднички скандирања против правилата за Профит и Одржливост (PSR), регулативи кои сè повеќе ги притискаат клубовите и ги тераат да се откажуваат од своите најсветли таленти.
Само ден подоцна, Астон Вила објави дека нивниот бисер од академијата, Џејкоб Ремзи, заминува во Њукасл. На хартија тоа е трансфер од чист профит. Но, за навивачите тоа е болка.
Капитенот на Вила, Џон МекГин, кој често ги критикува финансиските правила, искрено призна: “Изгледа дека ова е начинот на кој е поставен денешниот фудбал…”
Дури и поранешниот тренер на клубот, Дин Смит, кој му ја даде шансата за деби на Ремзи, не можеше да ја сокрие тагата: “Жално е за навивачите на Вила да видат како заминува едно наше дете. Многу е тешко”.

“Тешко е да гледаш како заминуваат своите”
И навивачите на Њукасл знаат колку боли. Минатото лето тие мораа да го продадат Елиот Андерсон на Нотингем Форест, за клубот да се усогласи со финансиските правила. Тренерот Еди Хау јавно призна дека му било непријатно да се раздели со младинецот.
Финансиски експерт Кијран Мегијр објасни зошто ваквите продажби се сè почести: “Сметководствено функционира, но од фудбалски аспект е катастрофа. Фановите губат нешто посебно – врската со своите”.
И додека многумина ќе прашаат зошто клубови со богати сопственици продаваат таленти, одговорот е едноставен: во “PSR” светот дозволените загуби се ограничени на 105 милиони фунти во три години. А традиционалните “џинови” како Манчестер Јунајтед, Челси и Ливерпул имаат далеку поголеми приходи од новите предизвикувачи.
Ремзи – жртва на системот, подарок за Њукасл
Астон Вила веќе беше казнета од УЕФА поради кршење на европските финансиски правила и сега мора да прави совршен баланс меѓу трошоци и продажби. Токму затоа Ремзи заврши на пазарот.
Поранешниот соиграч Нил Тејлор рече: “Џејкоб беше Вила до коска. Никогаш немаше да ве изневери. Заминувањето е премногу болно за сите нас”.
Jacob Ramsey is a Mag! 🙌 pic.twitter.com/67pTuZXrLm
— Newcastle United (@NUFC) August 17, 2025
За Њукасл, пак, ова е вистинско засилување. По неколку тивки преодни рокови, клубот конечно донесе играч кој Хау одамна го посакуваше. Ремзи е борец, атлетичен, со искуство во Премиер лигата и Лигата на шампионите и токму профил на играч кои им треба на Њукасл.
Иако минатата сезона имаше само шест гол-креации, неговиот природен инстинкт за влегување во шеснаесетникот и постигнување голови е квалитет што не може да се научи. Под водство на Хау, кој веќе создаде нови англиски репрезентативци како Гордон и Ливраменто, Ремзи може да го достигне следното ниво.
Поранешниот тренер Смит верува во тоа: “Еди знае да извлече максимум од играчите. Џејкоб ќе процвета кај него. Со срце би сакал да останеше во Вила, но од друга страна, тој оди во клуб со историја, со големи амбиции и навивачи кои ќе го обожаваат”.



