Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Андреј Јакимовски, го направи следниот голем чекор во својата кариера, потпишувајќи двегодишен договор со италијанскиот прволигаш Доломити Енерџија Тренто. Ова го означува неговото враќање во професионалната кошарка во Италија по пет успешни сезони во силната американска НЦАА колеџ-лига.
Јакимовски, кој е висок 203 сантиметри, игра на крилната позиција и е опишан од италијанскиот тим како разноврсен и интензивен играч. Според неговиот нов клуб, тој е одличен шутер, но и опасен при напаѓање на кошот благодарение на комбинацијата на брзина и физичка сила.
23-годишниот кошаркар, роден во Крива Паланка, важи за играч со италијанска кошаркарска школа, бидејќи својот развоен пат го комплетирал во Монкалиери, пред да дебитира во италијанската А2 лига во сезоната 2019-2020 со тимот на Баскет Торино.
Потоа, тој замина во САД каде што помина пет сезони во НЦАА. Четири години настапуваше за Вашингтон Стејт Кугарс, каде што постојано напредуваше, за во последната сезона со Колорадо Бафалос да бележи просек од 10.2 поени и 5.1 скока по натпревар.

Јакимовски веќе има искуство и во дресот на сениорската репрезентација на Македонија, каде што остави одличен впечаток. Во квалификациите за Светското првенство во 2022 година, тој имаше импресивен просек од 15.5 поени и 7.5 скока по натпревар.

Тренерот на Тренто, Масимо Канчелиери, со воодушевување го поздрави неговото доаѓање:
“Многу сум среќен поради доаѓањето на Јакимовски, тој е екстремно мотивиран и амбициозен играч. Сакаме да работиме заедно за да напредуваме и да ја споделиме страста што нè обединува”, изјави Канчелиери.