Актуелниот НБА првак Оклахома Сити Тандер експресно се врати во игра по воведниот пораз и ја израмни финалната серија на Западната конференција на 1:1. Предводени од својот лидер, кој повторно заигра на препознатливото „МВП“ ниво, Тандер славеа на домашен терен против Сан Антонио Спарс со 122:113 во исклучително динамичен и физички тежок натпревар.
Шеј се разбуди, клупата на Тандер донесе клучна предност
По потпросечната партија во првиот дуел, Шеј Гилџус-Александер го презеде тимот на свој грб и постигна 30 поени, надополнети со девет асистенции. Огромна поддршка Оклахома Сити доби од своите резервни кошаркари, предводени од Алекс Карусо кој уфрли 17 поени.
Клучниот фактор на овој натпревар беше апсолутната доминација на клупата на Тандер (57:25), како и бруталното казнување на противничките грешки, каде домашниот состав оствари предност од 27:10 во поени по изгубени топки. Исак Хартенштајн исто така заврши огромна работа под кошевите со дабл-дабл учинок од 10 поени и 13 скокови.
Сан Антонио Спарс постојано бркаа негатива, но со тројката на Харисон Барнс на почетокот на последната четвртина се приближија на само „минус два“ (99:97). Сепак, Оклахома Сити одговори со страшна серија од 11:0 во клучните две минути, со што се одлепи на безбедна предност и го реши прашањето на победникот, и покрај уште една монструозна партија на Виктор Вембањама кој забележа 21 поен, 17 скокови, 6 асистенции и 4 блокади.
Лавина од повреди на двете страни
Овој триумф донесе и сериозни главоболки за двата стручни штаба. Оклахома Сити во првото полувреме остана без бекот Џејлен Вилијамс, кој ја обнови незгодната повреда на задната ложа и неговиот настап за следниот натпревар е под голем прашалник.
Од друга страна, ситуацијата кај Спарс е уште поалармантна. Тимот кој и онака настапи без својата ѕвезда Диарон Фокс (повреда на зглобот), во текот на третиот период го загуби и неговиот заменик во стартната петорка, Дилан Харпер, кој доживеа тешка повреда на десната нога по неколку незгодни падови. Тренерот на Сан Антонио, Мич Џонсон, призна дека отсуството на клучните креатори на играта прави огромен притисок врз тимот, особено против дефанзива како онаа на Оклахома. Серијата сега се сели во Тексас, а третиот натпревар се игра веќе в петок навечер.



