После целата сага околу повредата на голманот Марк-Андре тер Штеген и неговиот однос со каталонскиот клуб, тензиите стивнаа откако тој прифати да го потпише медицинскиот извештај и се обрати пред навивачите на Гампер купот.
Сега Барселона и официјално излезе со соопштение дека Ла Лига потврдила дека неговата повреда ги исполнува критериумите за долготрајна повреда, со што тие ќе можат веднаш да продолжат со регистрација на новиот голман Жоан Гарсија.
“Клубот соопштува дека медицинскиот комитет на Ла Лига одлучи дека повредата на голманот Марк-Андре тер Штеген ги исполнува критериумите за долготрајна повреда според воспоставените регулативи”, се вели во соопштението од клубот.
Барселона истакна дека уште утре ќе почнат со формализирање на регистрацијата на новиот голман, по што се очекува тој да настапи во најбрз можен рок за каталонскиот клуб.
Претходно пречката за неговата регистрација беше ослободувањето на дел од платата од Тер Штеген, со што тие би биле во рамките на финансискиот фер-плеј. Според регулативите на Ла Лига, дел од платата може да се ослободи само доколку играчот биде спречен да игра поради повреда за која треба заздравување подолго од четири месеци.



