По вчерашната оставка на Милан Стојановски по поразот од Струга Трим Лум, ФК Пелистер не губеше време и експресно го назначи неговиот наследник. Одлуката на раководството е да се потпре на домашен кадар, новиот шеф на стручниот штаб е 53-годишниот Марјан Секуловски.
Ова ќе биде враќање на Секуловски на клупата на матичниот клуб кој низ својата кариера го водеше во неколку наврати (последен пат во сезоната 2022/2023). Во изминатите осум месеци тој ја извршуваше функцијата координатор на младинската школа на Пелистер, па одлично е запознаен со состојбите во клубот.
„Како и сите големи клубови, се потпревме на оние кои најдобро знаат што е Пелистер, како се менаџира тежок период во клубот и кој е патот за излез од кризата. Повикуваме на обединување во последните два месеци од сезоната за исполнување на клупските цели,“ стои во официјалното соопштение од клубот.
Секуловски зад себе има богата тренерска кариера, како во Македонија (Силекс, Брегалница, Македонија ЃП, Победа), така и на интернационална сцена, каде со години работеше во Мјанмар, Малдиви и Бангладеш.
Новиот тренер ќе го одржи првиот тренинг в среда, а ќе има пеколно тешко деби на 4 април, кога Пелистер му гостува на актуелниот лидер на табелата, екипата на Шкендија. Пред него е исклучително тешка задача, да го спаси битолскиот тим од испаѓање во преостанатите девет кола од Првата лига.



