ОФИЦИЈАЛНО: Челси му врачи отказ на Енцо Мареска!

Објавено:

Драмата на „Стемфорд Бриџ“ го доби својот епилог. Челси и официјално потврди дека Енцо Мареска повеќе не е шеф на стручниот штаб на лондонските „сини“. Разделбата доаѓа по помалку од две години откако Италијанецот ја презеде функцијата, оставајќи зад себе мешани емоции кај навивачите.

Соопштение од клубот: „Потребна е промена“

Во официјалното соопштение на Челси се вели дека двете страни се согласиле оти промената е неопходна за да се спаси сезоната.

„За време на неговиот престој во клубот, Енцо го водеше тимот до успеси во УЕФА Конференциската лига и на ФИФА Светското клупско првенство. Тие достигнувања ќе останат важен дел од поновата историја на клубот и му благодариме за неговиот придонес. Сепак, со оглед на клучните цели кои сè уште се пред нас, вклучувајќи ја и борбата за пласман во Лигата на шампионите, сметаме дека оваа промена му дава на тимот најдобра шанса да ја врати сезоната на вистинскиот пат“, стои во извештајот на лондончани.

Крај на една турбулентна ера

Мареска заминува во момент кога Челси се наоѓа во серија на лоши резултати во Премиер лигата, каде тимот падна на петтата позиција, со само една победа во последните седум натпревари. Клубот веќе започна со потрага по негов наследник, а како што претходно најавивме, Лиам Розениор останува првото име на листата на желби на Тод Боли.

Иронично, оваа одлука доаѓа само три дена пред големото дерби против Манчестер Сити, тимот со кој Мареска силно се поврзуваше како иден наследник на Пеп Гвардиола. Останува да видиме кој ќе го предводи тимот на „Етихад“ во недела.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено