ОФИЦИЈАЛНО: Ферари се збогува со резервниот возач Жоу!

 

Објавено:

Вестите од светот на Формула 1 овој петок започнуваат со официјална потврда за разделба. Скудерија Ферари и кинескиот возач Гуању Жоу повеќе нема да соработуваат, откако италијанскиот тим утрово објави дека тој ја напушта улогата на резервен возач.

Она што веќе некое време се шпекулираше во падокот, денеска доби официјална потврда. По само една сезона помината како резервен и развоен возач на тимот од Маранело, Гуању Жоу ги пакува куферите и го напушта славниот италијански бренд.

Краток престој во Маранело

Откако помина три сезони како редовен возач во Алфа Ромео (подоцна Саубер), Жоу во 2025 година ја прифати улогата на резерва во Ферари, враќајќи се во семејството каде што некогаш беше дел од возачката академија. Сепак, поради густиот распоред и приоритетот на Антонио Џовинаци (кој истовремено вози во WEC шампионатот), Кинезот немаше многу можности да седне зад воланот на болидот за време на гран-при викендите.

„Благодарни сме за посветеноста и придонесот на Гуању Жоу како резервен возач на Ферари оваа сезона! Му посакуваме сè најдобро во иднината“, стои во краткото и дискретно соопштение на Скудерија.

Што му носи иднината на Жоу?

Жоу веднаш одговори на социјалните мрежи, заблагодарувајќи се на довербата и најавувајќи дека неговиот пат во Ф1 сè уште не е завршен.

„Навистина ја ценам довербата во текот на целата сезона, се гледаме некаде во падокот во 2026 година!“, напиша 26-годишниот возач.

Иако се надеваше на враќање на гридот во 2026 година со новиот тим на Кадилак, тие места веќе се пополнети од неговиот поранешен тимски колега Валтери Ботас и искусниот Серхио Перез. Сепак, неговото присуство во падокот и силната финансиска поддршка од кинеските спонзори го прават сериозен кандидат за други проекти во иднина, можеби во други категории или како дел од развојни тимови на новите производители.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено