Охрид не се шегува: Пивот од Бундеслигата слета во „Билјанини Извори“

Објавено:

ГРК Охрид испраќа јасна порака до конкуренцијата во Суперлигата: амбициите оваа сезона се највисоки. Клубот изгледа успеа да договори звучно засилување директно од најсилната лига на светот – германската Бундеслига. Новиот „гладијатор“ во тимот на Борис Ројевиќ би требало да биде хрватскиот пивот Џанфранко Прибетиќ (25).

Доколку (кога) овој трансфер ќе се реализира ќе биде потврда дека Охрид не планира да биде само набљудувач во битката за врвот, туку сериозен претендент за трофеите.

Искуство од Штутгарт и Нексе

Прибетиќ доаѓа од редовите на ТВБ Штутгарт, каде настапува од летото 2024 година. Претходно, пет сезони го носеше дресот на хрватскиот вицешампион Нексе, со кој собра драгоцено искуство во ЕХФ Европската лига.

Станува збор за ракометар со импозантни физички предиспозиции (196 см, 100 кг), кој важи за специјалист во одбраната – признание кое го доби и на ЕП за младинци во 2018 година кога беше прогласен за најдобар дефанзивец на турнирот.

Се склопува шампионски мозаик?

Доаѓањето на Прибетиќ, кој би се приклучил на тимот по новогодишните празници, не е изолиран потег. Оваа најава доаѓа само неколку часа откако клубот го ангажираше и крилото на Вардар Ален Ќосевски, со што значително се зголеми ротацијата и квалитетот на ростерот.

Со биланс од 14 победи, едно реми и само 3 порази во есенскиот дел, охриѓани се позиционирани на врвот. Ангажманот на играчи од калибарот на Прибетиќ и Ќосевски сугерира дека управата верува оти оваа година „Гладијаторите“ имаат реална шанса да ја нарушат доминацијата на Пелистер и Вардар.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено