Охрид живее за финале: „Гладијаторите“ донесоа активен резултат од Словенија, се спрема спектакл покрај езерото!

 

Објавено:

Ракометарите на ГРК Охрид одиграа натпревар за инфаркт во Словенија и се враќаат со повеќе од активен резултат пред реваншот во полуфиналето од ЕХФ Европскиот Куп. Избраниците на Борис Ројевиќ беа поразени од некогашниот европски шампион Целје Пивоварна Лашко со минимални 27:26, резултат кој широко ги отвора портите кон историско финале!

Од сјај до очај и назад: Карактерот на „Гладијаторите“

Првиот полуфинален дуел во преполната сала „Златорог“ (4.344 гледачи) понуди неверојатна драма и осцилации кои ретко се гледаат. Охрид отвори фуриозно, шокирајќи го домаќинот со серија од 0:6 во првите 10 минути. Словенците делуваа загубено, но успеаја да се консолидираат и да го искористат големиот пад во играта на македонскиот тим, кој цели 13 минути остана без постигнат гол кон крајот на првиот дел.

Во второто полувреме, Целје стигна и до максимални +7 (22:15). Токму кога изгледаше дека бродот тоне, охриѓани го покажаа својот вистински карактер. Со фанатична одбрана и феноменалниот голман Кристијан Пилиповиќ (10 одбрани), Охрид се врати од бездната. Дарко Ѓукиќ (кој заврши со 5 гола) во последните секунди погоди за конечни 27:26.

„Целје покажа дека е најталентирана млада екипа во Европа, но честитки за моите ракометари за карактерот. Се вративме од минус седум и дојдовме до активен резултат. Ги повикувам сите навивачи да ја наполниме салата во Охрид и да се избориме за историско финале!“ изјави тренерот Борис Ројевиќ.

Охрид центар на ракометот: Првомајски спектакл пред реваншот!

Реваншот е закажан за 2 мај (сабота) во 19:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“. Со оглед на тоа што следува продолжен празничен викенд (1 Мај), Охрид ќе биде главна дестинација не само за туристите, туку и за сите ракометни фанови во Македонија (секако, скопјанишчана веќе ќе бидат дојдени да го испијат езерото!).

Во таа чест, од Спортска Станица упатуваме посебен поздрав и мал предлог до управата на ГРК Охрид: Искористете ја еуфоријата и празничниот викенд за да организирате голем настан (Фан Зона) пред салата! Нека има музика, дружба за сите ракометни вљубеници од цела држава и секако, активности за најмалите. Овој историски момент заслужува да биде прославен како вистински празник на македонскиот спорт.

Време е Охрид да испише историја!

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено