Охриѓани си го освоија охридскиот турнир “Крсте Андоновски”

 

Објавено:

Во вистински ракометен спектакл пред полни трибини во спортската сала “Билјанини извори”, ГРК Охрид го освои Меѓународниот меморијален турнир “Крсте Андоновски”. “Гладијаторите” во финалето го совладаа актуелниот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер, со резултат 31:26.

Охриѓани имаа предност во најголемиот дел од натпреварот, а клучен фактор за големиот триумф беше голманот Бојан Блажески, кој со своите одбрани беше прогласен за играч на финалето. Заедно со него во идеалниот тим на турнирот се најдоа уште двајца ракометари на Охрид, крилото Ѓукиќ и бекот Иванковиќ, кој пак ја понесе наградата за најдобар играч на целото четврто издание на турнирот.

Ова е првпат ГРК Охрид да се закити со трофејот на турнирот кој го организира заедно со Општина Охрид, а победата претставува одлична најава за претстојната сезона во домашното првенство.

Извор: https://www.facebook.com/hceurofarmpelister

И покрај поразот, Еурофарм Пелистер покажа квалитетна игра и остави позитивен впечаток пред стартот на новата сезона. Двајца нивни играчи, Видомски и Павле Атанасијевиќ, беа избрани во идеалниот тим на турнирот. Битолчани сега го насочуваат фокусот кон следните подготовки, вклучувајќи го и турнирот во Скопје, по што ги очекуваат настапи во Суперлигата, Суперкупот и ЕХФ Лигата на шампиони.

Со ова финале, Охрид уште еднаш потврди дека е вистински ракометен град, а турнирот “Крсте Андоновски” доби уште едно незаборавно издание исполнето со спортска страст и навивачка енергија.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено