По бледото издание во претходниот натпревар, актуелниот НБА шампион Оклахома Сити Тандер се разбуди кога беше најпотребно. Пред своите гледачи, Тандер го совлада Сан Антонио Спарс со 127-114 во петтиот меч од финалето на Западната конференција, преземајќи водство од 3-2 во серијата.
Со оваа победа, Оклахома е на само еден триумф од враќање во големото финале, каде веќе ги чека тимот на Њујорк Никс.
Напаѓачка експлозија и Џаред Мекејн како неочекуван џокер
Разликата во пристапот на Оклахома во однос на четвртиот натпревар беше очигледна уште од самиот старт. За споредба, тимот кој пред два дена постигна само 82 поени на целиот меч, синоќа ја надмина таа граница по само три и пол минути игра во третата четвртина. Клучот за експлозијата беше втората делница во која домаќините уфрлија дури 40 поени.
Лидер на паркетот повторно беше канадскиот суперстар Шај Гилџес-Александер, кој го заврши мечот со 32 поени и 9 асистенции.
„Едноставно игравме како што знаеме. Дефинитивно бевме многу подобри во однос на минатиот натпревар и го покажавме нашиот вистински идентитет“, изјави Шај по мечот.
Тренерот Марк Дењо мораше да импровизира поради повредите на Џејлен Вилијамс и Аџеј Мичел, но неговиот потег се покажа како полн погодок. Џаред Мекејн го доби својот прв старт во плејофот и возврати со брилијантни 20 поени. Огромна поддршка стигна и од клупата преку Алекс Карусо кој уфрли 22 поени, додека рекетот го контролираа Чет Холмгрен (16 поени, 11 скокови) и Ајзеа Хартенштајн со моќен дабл-дабл од 12 поени и 15 скокови.
Очајна шутерска вечер за Вембањама и судиски контроверзии
Од другата страна, Сан Антонио не успеа да го најде вистинскиот ритам. Иако Стефон Касл блескаше со 24 поени, а Џулијан Шампани додаде 22, најголемиот проблем за гостите беше лошата шутерска вечер на нивната најголема ѕвезда. Виктор Вембањама заврши со 20 поени, но имаше очајна реализација од игра (4/15), додека целиот тим на Спарс промаши дури 29 обиди за три поени.
Натпреварот не помина без тензии, особено во финишот на третата четвртина. При водство на Оклахома, судиите пропуштија да досудат очигледна недозволена блокада од Кејсон Волас врз обидот на Лук Корнет. Веднаш во следниот напад, судиите доделија топка за Оклахома иако снимките покажаа дека таа излегла од Холмгрен. Ова предизвика бурна реакција од клупата на Спарс, по што тренерот Мич Џонсон заработи техничка грешка.
„Едноставно ми рекоа дека не ме виделе кога барав челинџ. За да победите ваков тим, на нивни терен и со ваков влог, мора да одиграме многу подобро за да си дадеме шанса“, изјави разочараниот тренер на Сан Антонио.
Шесттиот натпревар, кој може да биде решавачки, се игра во четврток во Тексас. Доколку Сан Антонио успее да изедначи, мајсторката ќе се врати во Оклахома Сити во сабота. Големото НБА финале против Њујорк Никс е закажано за 3 јуни.



