Подгответе се за вистинско кошаркарско шоу! Недела навечер е резервирана за „кремот“ на македонската кошарка. СРЦ „Кале“ ќе биде арената каде ќе се судрат најдобрите домашни кошаркари против најатрактивните странци кои настапуваат во нашата лига.
Во обновеното издание на Ол-стар натпреварот во организација на МКФ, концептот е јасен: Тим „Македонија“ против Тим „Свет“.
Младоста на Македонија против искуството на „Светот“
Стручниот штаб на домашниот тим, предводен од Борче Даскаловски, се одлучи за состав полн со енергија и талент. Боите на Македонија (во светли дресови) ќе ги бранат имиња како Марин Петков и Андреј Андоноски од шампионот МЗТ, Теодор Симиќ од Кожув, како и Виктор Ефремовски и Дамјан Робев од Работнички.
Од другата страна, „Тимот Свет“ (во темни дресови), предводен од Боро Смилковски, ќе се обиде да ја покаже својата доминација. Тука се искусниот Урош Луковиќ (МКК Куманово), Хуан Дејвис (МЗТ), како и Роберт Рикиќ (Работнички).
Забивања и тројки за полувреме
Бидејќи ова е натпревар за публиката, резултатот е важен, но атракциите се поважни. На полувремето ќе гледаме кој има „најмека рака“ во шутирање тројки, а кој има најдобри федери во нозете во натпреварот во забивање.
Натпреварот започнува во недела во 18:00 часот, а за оние кои нема да можат да бидат во салата, обезбеден е пренос на МРТ 3.



