Првиот човек на македонскиот фудбал, Масар Омерагиќ, на вчерашното новогодишно интервју реши да одговори на една од најчувствителните теми во јавноста – нападите врз неговиот син, Азер Омерагиќ, капитенот на ФК Вардар. Во емотивна изјава, тој порача дека е уморен од тоа неговиот син да се користи како „оружје“ во битката против него.
„Азер не е мое оружје, тој е фудбалер со карактер“
Омерагиќ не ги штедеше оние кои преку неговиот син се обидуваат да му наштетат на неговиот углед во ФФМ. За него, границата на пристојност одамна е помината.
„Уморен сум веќе од тоа. Мојот син има право да игра фудбал. Луѓето сакаат во битката со мене или нападите врз мене да го користат Азер како оружје. Тоа е нивно право, но нека знаат едно: Не може тие да удираат толку, колку што можеме јас и Азер да издржиме“, дециден е претседателот.
„Благодарен сум им на негативните коментари“
Наместо да се повлече, Омерагиќ вели дека негативните коментари и навредите само му помагаат на младиот капитен на Вардар да израсне во челичен карактер.
„Јас воопшто не се мешам во неговата кариера. Тој играше фудбал и пред јас да станам претседател. Им благодарам на сите што го напаѓаат, затоа што сите тие нивни настапи и навреди прават од него посилен карактер. Тој е скромен и одличен дечко, а тоа што сакаат преку него да удираат кон мене, кажува повеќе за нив самите“.
Кога се мешаат „баби и жаби“
За крај, првиот човек на ФФМ упати порака за професионализам, потенцирајќи дека тој точно знае каде е границата меѓу семејството и институцијата, но за жал, многумина во македонскиот фудбал тоа не го разбираат.
„Максимално се трудам да бидам коректен и да не мешам ‘баби и жаби’, но очигледно некои луѓе не ја знаат границата. Јас и Азер продолжуваме понатаму со крената глава“, заклучи Омерагиќ.



