ОСВРТ: Милионите од коцката се слават како престиж, а Македонскиот Спорт е заложник на игрите на среќа!

 

Објавено:

Денеска, македонскиот медиумски простор повторно одекна. Речиси сите портали и телевизии со доза на восхит, триумфализам и гордост пренесоа дека најголемиот македонски спортски бренд, ФК Вардар, го продолжил договорот со гигант од индустријата за игри на среќа и казина, вреден еден милион евра годишно.

Сето ова се претставува како некаков неверојатен престиж. Како чин на спортска ренесанса. Дека компанија која заработува од коцка дава милион евра за најголемата спортска светиња во државата е претставено како повод за славење… Wow, just wow.

Краткото помнење на нацијата и заборавените ветувања

Да се вратиме само малку наназад. Точно на 30 август 2024 година, ресорниот министер за спорт јавно и помпезно вети (достапно и на видео формат) дека на сите спортски легенди, клубови и поединци кои ќе рекламираат казина и обложувалници ќе им биде одземена државната помош.

Се најавуваше воведување ред, се најавуваше систем на вредности каде спортот ќе биде заштитен од канџите на оваа индустрија. Што се случи со тоа? Апсолутно ништо. Ветувањето е целосно заборавено, а спортот во државата функционира точно онака како што функционира сè останато – препуштен на стихијата, профитот и празните зборови.

Лагата за „500 метри од училиштата“ и еродираното општество

На сосема ист начин знаеме дека ќе заврши и онаа најнова политичка лага која се пласира изминативе недели, предлог-законот за дислокација на обложувалниците и казината на наводни „500 метри од училиштата“. Исто како и со одземањето на ваучерите за рекламирање коцка, така и ова е само евтин политички маркетинг во едно комплетно еродирано општество.

Спортот е само огледало на државата. Кога живеете во систем кој целосно потфрлил на секое можно поле, не можете да очекувате спортот да остане чист. Затоа македонскиот спорт тоне, се наоѓа во мизерна состојба и преживува единствено преку инфузија од индустријата која профитира од сиромаштијата и очајот на граѓаните.

Ние не отстапуваме: Има нешто поголемо од корумпираните пари

Во Спортска Станица, ние одбираме потежок пат. Ние се обидуваме, и даваме сè од себе да се задржиме до вистинските вредности. Како што јасно стои во нашиот Вајт Пејпер (Манифест), кај нас никогаш нема да има реклами за обложувалници, казина и брзи кредити. Засекогаш.

Ние ја отфрламе културата на искористување на спортот за ваква заработка. Колку долго ќе можеме да опстоиме на овој начин, борејќи се против ветерници во систем каде милионите од коцката се слават како спортски триумф – не знаеме. Но, длабоко веруваме дека постои нешто многу поголемо, многу поважно и многу почисто од корумпираните пари.

Спортот е наследство, а не производ. И ние ќе продолжиме да го штитиме во неговата најискрена форма.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено