Долго најавуваното шоу во Мајами нема да се случи. Натпреварот меѓу Виљареал и Барселона, кој требаше да биде првиот официјален меч од Ла Лига на американско тло, е откажан само неколку недели пред закажаниот датум.
Организаторот “Relevent Sports” објави дека “поради моменталната неизвесност во Шпанија, нема доволно време за квалитетна подготовка на ваков настан”. Со тоа, пропадна проект кој требаше да ја отвори новата ера на шпанскиот фудбал надвор од границите.
“Би било неодговорно да се пуштат билети без потврден натпревар”, стои во соопштението на организаторите.
Но, додека “Relevent” зборува за одложување, Ла Лига јасно кажа дека настанот е откажан.
“Жалиме што проектот кој претставуваше историска можност за интернационализација на шпанскиот фудбал не може да продолжи”, се наведува во соопштението од лигата.
🚨 NOTA INFORMATIVA.
LALIGA informa de la cancelación del Partido Oficial en Miami, una oportunidad histórica para la internacionalización del fútbol español. Seguiremos trabajando por una competición global, moderna y competitiva.https://t.co/DpsR4PnXLf
— LALIGA Corporativo (@LaLigaCorp) October 21, 2025
Историски чекор што пропадна пред старт
Мечот меѓу Виљареал и Барселона требаше да се одигра на 20 декември на “Хард Рок” стадионот во Мајами, домот на Мајами Долфинс. Тоа ќе беше првпат еден европски прволигашки натпревар да се игра во САД, по примерот на Суперкупот кој последните години се одржува во Саудиска Арабија.
Но во последните недели, највисоките институции во фудбалот изразија сомнеж во идејата. УЕФА даде “условно зелено светло”, но претседателот Александар Чеферин предупреди дека “домашните натпревари треба да се играат на домашно тло”.
Бунт на фудбалерите и навивачите
Играчите и навивачите реагираа жестоко, а за време на последното коло, сите клубови на Ла Лига одбија да почнат со игра 15 секунди, во знак на протест против мечот во Мајами. ТВ-камерите не го прикажаа бојкотот по барање на лигата, но информацијата брзо се прошири на социјалните медиуми.
Навивачките групи на Виљареал и Барселона објавија заедничко соопштение во кое изразија “апсолутна, тотална и цврста опозиција” кон идејата натпреварите да се пренесат на друг континент.

Шок во Барселона
Веста го затекна Ханси Флик на излез од прес-салата на Олимпискиот стадион во Барселона. Никој во клубот не бил информиран дека натпреварот е откажан.
“Бевме шокирани”, изјави еден од членовите на тимот. “Сè изгледаше подготвено, па добивме официјално соопштение од Ла Лига пред само неколку минути”.
Проект што ќе остави последици
Ла Лига останува на ставот дека ваквите иницијативи се клучни за финансискиот раст и конкурентноста на шпанскиот фудбал во глобален контекст. Но, откажувањето во Мајами е чекор наназад и потсетник дека фудбалот не може лесно да ги пренесе своите корени преку океан.
Дали ова ќе биде крај на американската авантура на Ла Лига или само пауза пред нов обид, останува да се види. Но ова е една мала победа на играчите и навивачите, каде победи нивниот глас.


