Она што требаше да биде историски ден за Милано, се претвори во бирократски кошмар. Интер и Милан го финализираа купувањето на легендарниот стадион „Сан Сиро“ и околното земјиште за 197 милиони евра, ставајќи крај на 77-годишната општинска сопственост.
Но, славјето траеше точно еден час.
Веднаш по потпишувањето на договорот, обвинителството во Милано отвори експресна истрага поради сомнеж за „наместен тендер“ при продажбата.
Ова предизвика гнев кај претседателот на Интер, Бепе Марота, и градоначалникот на Милано, Џузепе Сала.
„Договорот беше потпишан напладне, а веќе по еден час беше отворена истрага. Ова е Италија“, изјави бесен Марота, опишувајќи го договорот како „историски чин“ и „чекор кон финансиска самоодржливост“.
Градоначалникот Сала исто така беше шокиран од тајмингот: „Сè направивме по пропис, со почитување на сите правила. Откако се појави интерес, тендерот беше отворен онолку колку што беше потребно“.
Истрагата е насочена кон сомнежот дека на алтернативните понудувачи не им било дозволено рамноправно учество поради „невообичаено краткиот рок“ за поднесување понуди.
Овој договор е клучен за планот на клубовите да изградат нова, модерна арена со 71.500 седишта на истата локација, која треба да биде готова пред ЕУРО 2032.
Додека бирократијата сега фрла сенка врз целиот проект, претседателот на Милан, Паоло Скарони, ја објасни итната потреба за модернизација, признавајќи ја емотивната приврзаност на фановите.
„Тоа е тежок процес, не само поради бирократијата, туку и затоа што луѓето не сакаа нов стадион од носталгија. Но, денес, ако некој сака да оди на ‘Сан Сиро’, тоа е речиси застрашувачко. Кога нема натпревар, тој е речиси пуст. Наместо тоа, ние сакаме стадион што може да биде домаќин на нешто секој ден“, изјави Скарони.
Како што веќе пишувавме, модерниот фудбал очигледно го проголта и „Сан Сиро“, но сега, дури и тој болен процес е доведен во прашање од типичната италијанска бирократија.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



