Фудбалска Европа денес доби мега-ексклузива која ги преплави насловните страници на сите спортски медиуми. Еден од најдобрите фудбалери на Њукасл Јунајтед, Ентони Гордон, е на чекор до историски трансфер во шпанскиот гигант Барселона за сума од 70 милиони фунти (околу 70 милиони евра фиксни плус 10 милиони во бонуси).
Иако со месеци се подготвуваше негов трансфер во Баерн Минхен, каталонскиот клуб изведе молскавична операција предводена од спортскиот директор Деко и буквално го киднапираше англискиот репрезентативец. 25-годишниот крилен напаѓач веќе пристигна во Шпанија со приватен авион за да ги помине задолжителните медицински прегледи.
Мајсторски пазарен покер на Деко и Лапорта
И покрај огромните финансиски долгови со кои се соочува клубот, Барселона успеа да ја добие оваа трансфер-битка благодарение на враќањето на правилото „1:1“ во Ла Лига, кое им овозможува да го потрошат секој денар што го генерираат. Сепак, за да се реализира зделката, претседателот Жоан Лапорта и Деко договорија паметна структура на исплата со раководството на Њукасл – почетната сума од 70 милиони фунти ќе биде исплатена на рати во времетраењето на договорот на Гордон, односно до 2031 година.
„Зделката за Гордон се подготвува, но сè уште не е завршена. Веќе сум информиран за сè,“ потврди синоќа првиот човек на каталонците, Жоан Лапорта.
Со ова, Барселона го наддаде за 10 милиони фунти германскиот гигант Баерн Минхен, чиј извршен директор Јан-Кристијан Дрисен одби да влезе во луда војна со понуди и застана на максимални 60 милиони. Во трката во еден момент беше вклучен и Ливерпул, но „црвените“ се повлекоа од наддавањето. Профит од оваа зделка ќе има и Евертон, кој има клаузула за 15 отсто од профитот од следната продажба на Гордон.
Нова позиција под палката на Ханси Флик
Британските фудбалери се вистинска реткост во историјата на „Камп Ноу“. По Стив Арчибалд, Гери Линекер и Марк Хјуз во минатиот век, Маркус Рашфорд и сега Ентони Гордон се единствените Островјани кои ќе го облечат сино-црвениот дрес во 21. век.
Сепак, најавите се дека тренерот Ханси Флик има специфичен план за англискиот ас кој ја заврши сезоната со 18 голови во сите натпреварувања. Наместо на крилната позиција каде што играше во Премиер лигата, Деко и Флик планираат да го трансформираат Гордон во класичен централен напаѓач (шпиц), како директна замена по заминувањето на Роберт Левандовски.
Овој трансфер носи и голема неизвесност за Маркус Рашфорд, кој имаше одлична позајмица на „Камп Ноу“. Иако Барселона има опција да го откупи од Манчестер Јунајтед за 26 милиони фунти, неговата висока плата од над 300.000 фунти неделно може да го принуди клубот да бара нова позајмица или комплетно да се откаже во корист на Гордон. Официјализацијата на трансферот на Гордон се очекува веќе овој викенд.



