Падот на шампионот во Атина: Олимпијакос го сопре безживотниот Фенербахче!

 

Објавено:

Модерната „битка за Троја“ на кошаркарскиот Евролигашки Фајнал-фор не заврши добро за екипата на Фенербахче. Во жестоката полуфинална пресметка, Олимпијакос се покажа како далеку подобар и подоминантен противник, славејќи со убедливи 79:61. Актуелниот европски шампион од Истанбул изгледаше целосно испразнет, без свежина и без вистински идеен одговор во својот најважен натпревар за сезоната.

Извор: https://www.euroleaguebasketball.net

Кобен старт во пеколот на „Телеком Центарот“

Натпреварот беше практично решен уште во уводните минути. Носен од заглушувачкиот урнебес на своите фанови кои комплетно го преплавија „Телеком Центарот“ во Атина, Олимпијакос го отвори мечот со застрашувачка серија од 12:0. На Фенербахче му беа потребни дури седум минути за да го постигне својот прв кош, почеток од кој избраниците на Шарунас Јасикевичиус никогаш не успеаја целосно да се закрепат. До крајот на средбата, турскиот тим помина во мачно и неуспешно бркање на високата предност на противникот.

Олимпијакос на паркетот ги демонстрираше сите квалитети кои го красеа како лидер во регуларниот дел од сезоната и главен фаворит за трофејот, особено по шокантната елиминација на номиналниот домаќин Панатинаикос од Валенсија во плејофот. Грчкиот состав со челична одбрана замина на пауза со предност од 34:22, а во второто полувреме рутински чекореше кон триумфот, целосно доминирајќи во скок-играта со 43 наспроти 34 скокови на противникот.

Целосно потфрлање на поддршката во нападот

Најголемиот проблем за Јасикевичиус, кој минатата сезона ја донесе својата прва евролигашка титула на клупата на Фенербахче, беше тоталниот дефицит на поени од втората петорка. Во натпревар со толку висок интензитет, клучните алки од клупата како Бонзи Колсон, Девон Хол и Микаел Јантунен останаа со нула поени на своето конто. Наспроти агресивната одбрана на Пирејците, тие изгледаа како риби надвор од вода.

Младиот Тарик Биберовиќ одигра на потребното ниво и постигна 17 поени, Тален Хортон-Такер додаде 16, а Вејд Болдвин заврши со 10 кошеви, но тоа беше премалку за да се загрози расположениот ривал. Фенербахче едноставно остана без гориво против тим кој во секој момент делуваше дека игра во две брзини погоре.

„Не бевме свои и многу е јасно дека Олимпијакос си беше Олимпијакос. Фенер не беше Фенер. Секој пат кога ќе добиевме некаква надеж и ќе се приближевме на девет или седум разлика, едноставно им подарувавме премногу лесни поени под кош. Затоа, честитки до Олимпијакос, беа многу подобри“, со разочарување изјави Јасикевичиус по мечот.

Рецептот на Барцокас: Челична дефанзива и долга клупа

Од друга страна, предводникот на Олимпијакос, Георгиос Барцокас, ја пофали безмилосната конзистентност на своите кошаркари која експресно ги уништуваше сите обиди за камбек на истанбулскиот гигант. Тој призна дека тимот имал проблеми во креацијата во првиот дел, но дека работите си дошле на свое место во продолжението.

„Имавме креативен дефицит во првото полувреме, со само 5 асистенции, што е надвор од нашата основна игра. Но, во второто полувреме почнавме повеќе да ја движиме топката, бевме потрпеливи и најдовме многу отворени позиции во рекетот и од надвор. Одбраната беше навистина цврста во текот на сите 40 минути, што е клучно за вакви големи натпревари полни со тензија и физички контакт. Секој пат кога тие ќе се обидеа да се приближат до десет разлика, ние веднаш одговаравме со одлична соработка на теренот, паметен избор на шутеви и офанзивни скокови. Сите знаат дека имаме длабока клупа, а во ваков формат каде се играат два меча во 48 часа, моравме да ја сочуваме свежината за големото финале“, заклучи Барцокас.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено