Панчев за Флешскор: Не би го сменил Милевски пред баражот!

 

Објавено:

Секоја голема приказна за македонскиот фудбал неизбежно води кон едно име, Дарко Панчев. Популарната „Кобра“, добитник на Златната копачка во 1991 година, даде ексклузивно, опсежно и многу емотивно интервју за реномираниот портал Flashscore.

Во него, легендарниот напаѓач отворено зборуваше за своите најславни денови, за одлуките кои му го променија животот и направи детална анализа на шансите на Македонија во претстојниот бараж за Светското првенство 2026 година.

Од Градскиот парк до покривот на Европа

Интервјуто започнува со носталгично навраќање на времето кога фудбалот во Скопје се живееше 24/7. Панчев се присети како илјадници фанови доаѓале само за да ги гледаат тренинзите на Вардар во Градскиот парк. Сепак, неговата кариера експлодираше со преминот во Црвена Звезда во 1988 година, со која стигна до титулата европски шампион.

Круна на таа генерација беше финалето во Бари против Марсеј во 1991 година и токму оној решавачки пенал кој Панчев го претвори во историја. „Немав притисок кога ја зедов топката. Лично, никогаш не бирав страна однапред, секогаш го чекав голманот да тргне. Така беше и тогаш – чекав до последен момент, избрав страна и удрив најсилно што можев,“ раскажува Панчев за Flashscore.

Балканскиот инает и писмото од Фергусон

По распадот на Југославија, гигантите како Барселона, Милан и Манчестер Јунајтед стоеја во ред за неговиот потпис. Панчев го избра Интер, одлука која подоцна ја нарекува лоша поради дефанзивниот стил на игра и конфликтот со тренерот Бањоли.

Но, најголемото откритие во ова интервју е фактот дека Сер Алекс Фергусон очајно сакал да го спаси од агонијата во Италија. Во декември 1992 година, стигнала официјална понуда од „Олд Трафорд“.

„Фергусон беше вљубен во нашиот тим на Звезда. Гледајќи како се мачам во Интер, испрати понуда да ме потпише. Но, мојот балкански менталитет и инает не ми дозволија да заминам. Сакав по секоја цена да се докажам во Интер и тоа беше втората најголема грешка во мојата кариера. Да заминев во Манчестер, сигурен сум дека нивниот напаѓачки стил ќе ми одговараше совршено,“ искрен е легендарниот напаѓач.

Данска, ФФМ и иднината на Македонија

Во пресрет на 26 март и полуфиналниот бараж за Мундијалот против Данска, Панчев ја анализираше состојбата во националниот тим. Тој добро ги познава Данците, против кои играше (и беше неправедно исклучен) во квалификациите за ЕВРО 96.

„Данска е фаворит, а со тоа и притисокот е кај нив. Ние немаме што да изгубиме. Како што беше случајот во Палермо, можеби ќе ги изненадиме. Главното е момците да веруваат во себе,“ истакнува Панчев, додавајќи дека доколку победиме во Копенхаген, многу повеќе би посакувал финале со Ирска отколку со технички поткованата Чешка.

Панчев не се воздржа да ја искоментира и неодамнешната одлука на ФФМ да го замени селекторот Благоја Милевски со Гоце Седлоски во пресрет на најважните мечеви. „Лично, јас не би го сменил Милевски пред баражот. Ова беше негов успех и би го оставил да го заврши циклусот, па потоа би правел промени. Но, времето ќе покаже дали одлуката е правилна.“

За крај, тој ги посочи Енис Барди и Бојан Миовски како столбови на тимот, но изрази загриженост за младите (У21) категории, потенцирајќи дека само играчи како Хамза, Гаштаров, Данев и Трајков отскокнуваат, што значи дека на македонскиот фудбал му претстои макотрпна работа за создавање нова силна генерација.

Што мислите вие? Дали балканскиот инает го лиши Панчев од статус на култна легенда во Премиер лигата и дали се согласувате со неговиот став за смената на Милевски пред баражот?

Ставот на Спортска Станица: Дали промената беше избрзана?

Ние од „Спортска Станица“ целосно се согласуваме со ставот на Панчев. Промената на селекторот пред натпревар со Данска, кој е еден од најголемите во нашата историја, сметаме дека не беше темелно размислена одлука. Пред сè, бидејќи новиот селектор и неговиот стручен штаб едноставно не беа во позиција да се фокусираат исклучиво на овој натпревар изминативе месеци. Напротив, нивниот фокус паралелно беше насочен кон зимските подготовки, трансферите и стартот на пролетниот дел од сезоната со нивните матични клубови (Вардар, Тиквеш итн.).

Но, како што вели и самата легенда, само историјата (и секако, резултатот на стадионот „Паркен“) ќе ја покаже вистината. Како и секогаш, ние никогаш нема да престанеме да ја поддржуваме нашата национална гордост, како и сите професионални, полупрофесионални и аматерски македонски спортисти. Можеме само да порачаме: Напред Македонија! Момци, покажете сè што знаете на теренот, оставете го срцето, а сè останато ќе си дојде на свое место!


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено