Возбудата во Мото ГП шампионатот се сели во Чешка, каде што возачите овој викенд ги чека комплетно преродена патека во Брно. Возачот на Дукати, Франческо Бањаја, откри сензационални вести: по неодамнешниот тест на новиот асфалт, круговите биле толку брзи што постоечкиот рекорд е срушен за неверојатни 4 секунди!
“Речиси е поинаква патека од онаа што ја паметам”, изјави Бањаја за “Скај Италија”. Сепак, неговиот тимски колега, Марк Маркез, е малку поприземјен, сугерирајќи подобрување од “само” 2 секунди.
Актуелни рекорди:
- Најбрз круг (квалификации): Марк Маркез, Хонда – 1:54.596 (2016)
- Најбрз круг (трка): Дани Педроса, Хонда – 1:56.026 (2014)
Бањаја во потрага по спас, Маркез во потрага по вечност
За Бањаја, кој последен пат возеше во Брно во 2019 година, ова е шанса за пресврт во тешката сезона. Тој се надева дека подобрениот грип на новиот асфалт ќе му помогне да ја намали огромната разлика од 147 бода зад лидерот Маркез.
“Знам дека Марк е речиси без конкуренција во моментов”, призна Бањаја, “но јас излегувам на патеката со мисла да победам. Знам дека имам потенцијал да се борам против него”.
Од другата страна на гаражата, Марк Маркез пристигнува во Брно како апсолутен хегемон, со колосална предност во шампионатот и неверојатна серија од осум последователни победи. Бањаја е моментално трет во светскиот шампионат, со 147 бода помалку од Марк Маркез и 64 зад Алекс Маркез. Тоа значи дека првите три позиции се речиси цементирани, без разлика на исходот од оваа трка.
Гостинска статија на Марија Петровска