Пенал-завршница за историја: Маџари е првиот финалист во кошаркарскиот плеј-оф

 

Објавено:

Кошаркарите на Маџари испишаа нова светла страница во клупската историја, откако во драматичен и максимално изедначен натпревар го совладаа ТФТ со 71-69 во вториот полуфинален натпревар од плеј-офот во „МТЕЛ“ Супер лигата. Со оваа победа, екипата дебитант во најсилното клупско натпреварување ја затвори серијата со 2-0 и обезбеди место во големото финале.

Натпреварот се одигра пред полни трибини во салата „Наум Наумовски – Борче“, каде домашната екипа бркаше историско финале, додека гостите од ТФТ се надеваа на „мајсторка“.

Хендикеп за домашните, но силен карактер до крајот

Почетокот мина во знакот на Маџари, кои брзо создадоа предност од 22-16, а подоцна и 29-22. Сепак, по само пет минути игра се соочија со сериозен проблем откако стартниот плејмејкер Џавон Грин го повреди левото колено при еден обид да спаси топка и повеќе не се врати на паркетот.

Овој хендикеп ТФТ го искористи за да се врати во игра. Предводени од репрезентативниот плејмејкер Виктор Ташовски, гостите направија пресврт и на полувремето заминаа со минимална предност од 39-38.

ТФТ ја одржуваше контролата и во третиот период, стигнувајќи и до позитива од седум поени (55-48). Сепак, Маџари не се предаде. Со серија од 7-0 во последните две минути од третата четвртина, крунисана со спектакуларно забивање на Тери Армстронг, резултатот беше израмнет на 55-55.

Драма во пенал-завршницата

Последната четвртина донесе вистинска резултатска клацкалка која се решаваше во последните секунди. На 2.3 секунди до крајот, при водство на Маџари од 71-69, Ташовски беше фаулиран при обид за тројка. Во најклучниот момент, еден од најдобрите играчи на ТФТ не реализираше ниту едно од трите слободни фрлања, по што започна големото славје на домашните навивачи и кошаркари.

Најзаслужен за историскиот успех на Маџари беше Томи Луис со 24 поени, 6 скока и 3 асистенции, додека Тери Армстронг одигра одличен натпревар со 18 поени и 8 скока. Во редовите на ТФТ, трагичарот Виктор Ташовски беше најефикасен со 24 поени, додека Џастин Гордон заврши со 13.

Маџари сега го чека својот противник во битката за шампионскиот прстен. Тоа ќе биде подобриот од мајсторката помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер, која се игра утревечер во СЦ „Јане Сандански“.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено