Пеп Гвардиола со емотивен говор: „Убиваат илјадници невини луѓе, како можете да не чувствувате ништо?“

 

Објавено:

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, ја искористи последната прес-конференција пред натпреварот со Њукасл во Карабао купот за да испрати моќна хуманитарна порака до светот. Наместо за тактики и офсајди, Гвардиола зборуваше за болката, неправдата и војните што го потресуваат светот во 2026 година.

„Ова не е прашање на политика, туку на човечност“

Видно погоден од сликите кои секојдневно доаѓаат од кризните жаришта, Гвардиола не штедеше зборови за конфликтот во Газа, војните во Судан, Украина и Русија. Тој го пофали и новинарот дека прв пат некој го прашува за ваквите важни прашања.

„Никогаш во историјата на човештвото не сме ги имале информациите пред наши очи појасно отколку сега: геноцидот во Палестина, она што се случува во Украина, Судан, насекаде. Дали сакате да го видите тоа? Тоа е наш проблем како човечки суштества“, истакна Пеп.

Тој додаде дека не може да разбере како некој може да остане рамнодушен додека гледа како се уништуваат семејства. „Ме боли. Целосното убивање на илјадници невини луѓе ме боли. Имам пријатели од многу земји, но кога треба да убиеш илјадници за да одбраниш некаква идеја, јас секогаш ќе кренам глас против тоа. Дали ќе ме боли ако се случува и ако ситуацијата е обратна? Секако. Тоа е прашање на човечност“.

Гвардиола се осврна и на неодамнешниот трагичен инцидент во САД, каде федерални агенти ги убија Рене Гуд и Алекс Прети, нарекувајќи го чинот неодбранлив.

„Замислете медицинска сестра, опкружена со пет-шест луѓе, соборени на трева и со 10 истрели… Како можете тоа да го браните? Ако некој згрешил, одете на суд, одете во затвор, но не убивајте. Мораме да зборуваме, во спротивно неправдата едноставно продолжува“, дециден е тренерот на Сити.

Гвардиола ја заврши својата порака со горчлив заклучок за модерното општество. „Човештвото е подобро од кога било во однос на можностите – можеме да стигнеме до Месечината, можеме да направиме сè, но сè уште се убиваме едни со други. За што? За што?“.

Со овој говор, Пеп уште еднаш потсети дека иако фудбалот е „најважната споредна работа на светот“, животот и правдата секогаш мора да бидат на прво место.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено