Селекцијата која на Светското првенство 2023 ја фасцинираше кошаркарската јавност и стигна до сребро, сега е посилна, помотивирана и подготвена на Евробаскетот 2025 да тргне по златото.
Светислав Пешиќ, еден од најтрофејните европски тренери и селектор кој одамна знае како се освојуваат титули, го објави поширокиот список на Србија за континенталниот шампионат кој од 27 август до 14 септември ќе се игра во Летонија, Полска, Финска и Кипар.
Најголемата вест е дека Никола Јокиќ ќе игра. Двократниот МВП на НБА и шампион со Денвер Нагетс ја пропушти репрезентацијата лани, но сега повторно е во таборот. Неговото враќање значи само едно: Србија оди на злато и ништо помалку.
Јокиќ, Богдановиќ, Мициќ, Гудуриќ, Милутинов, Аврамовиќ, Петрушев… сето тоа изгледа како најавна шпиц-сцена од кошаркарски блокбастер.
Селекторот Пешиќ одбра само 17 имиња, но ниту едно од нив не е спорно. Напротив – тие зборуваат за амбицијата на оваа генерација.

Списокот е следен: Алекса Аврамовиќ, Стефан Јовиќ, Василије Мициќ, Богдан Богдановиќ, Марко Гудуриќ, Урош Трифуновиќ, Никола Топиќ, Огњен Добриќ, Вања Маринковиќ, Дејан Давидовац, Никола Јовиќ, Филип Петрушев, Никола Јокиќ, Никола Милутинов, Тристан Вукчевиќ, Балша Копривица и Ален Смаилагиќ.
Младите надежи како Никола Топиќ и Тристан Вукчевиќ се тука за да учат и да ја чекаат своја шанса. Искусните Јовиќ, Гудуриќ и Добриќ се тука за баланс. А, Јокиќ и Богдановиќ се тука да победат.
Интересно е што овој ростер веќе се споредува со златната генерација од Индијанаполис 2002. Иако тогаш доминираше школата на Ѓорѓевиќ и Бодирога, денес Јокиќ и Богдан се моторите.
Пешиќ изгледа решен да ја врати Србија на врвот на Европа, каде што последен пат беа токму со него, во 2001 година.
Турнирот нема да биде лесен. Со домаќини како Летонија и Финска кои имаат силни генерации, тука се и Шпанија, Франција, Грција, Словенија… Но, со Никола Јовиќ во составот, со искусен селектор кој знае како се победува, и со клупа што има и младост и карактер, Србија е главниот фаворит за тронот на Европа.