ПМФЛ 20. коло: Судир на амбициите во Кавадарци, битка за опстанок во Гостивар

 

Објавено:

Денеска со почеток во 14:00 часот, на програмата се два исклучително важни натпревари со кои продолжуваат возбудувањата од 20-тото коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Во фокусот на јавноста се дуелите во Кавадарци, каде Тиквеш го пречекува Силекс, и во Гостивар, каде Арсими ќе ги одмери силите со Македонија ЃП во директен судир за бодови кои значат прволигашки живот.

Во Кавадарци се судираат домашниот терен и европските амбиции

Тимот на Тиквеш влегува во денешниот натпревар со желба да ја продолжи серијата на добри пролетни игри и да обезбеди мирен тек на шампионатот. Голманот на кавадарчани, Христијан Стевковски, очекува неизвесна борба во која нијанси ќе го одредат победникот, но силно се потпира на поддршката од трибините.

„Домашниот терен и убавата атмосфера секако дека треба да бидат наша предност. Иако Силекс е една од поквалитетните екипи, мислам дека нема да им биде лесно да земат бодови во Кавадарци, особено ако ние бидеме сконцентрирани сите деведесет минути и ги искористиме нашите шанси,“ истакна Стевковски.

Од другата страна, кратовци предводени од Александар Васоски доаѓаат со јасна цел – враќање на победничките патеки по минималниот пораз од Шкендија, со цел да останат во трката за позициите кои водат во Европа. Најдобриот стрелец на тимот, Мартин Мирчевски, зрачи со оптимизам.

„Поразот од Шкендија не влијаеше негативно на нашиот тим. Сега се фокусираме на мечот со Тиквеш и нормално е дека бараме победа. Секогаш и секаде одиме на победа. Наша работа е да ги пронајдеме слабостите на противникот и да дадеме се од себе да ги освоиме бодовите,“ изјави Мирчевски.

Директна пресметка за мирна пролет во Гостивар

Вториот натпревар денеска се игра на градскиот стадион во Гостивар, каде Арсими и Македонија ЃП ќе водат жестока битка за бегство од опасната зона.

Домаќинот Арсими е во одличен моментум по изненадувачки убедливата победа од 3-0 против Шкупи во минатото коло. Фудбалерот Џезаир Авдули потенцира дека тој триумф донел одлична атмосфера во соблекувалната.

„Мотивацијата е на највисоко ниво. Работевме добро во текот на неделата со максимална дисциплина. Нашата цел е јасна – да ги освоиме трите бода, да покажеме карактер и да ја продолжиме позитивната серија,“ заклучи Авдули.

За гостите од Ѓорче Петров, просторот за грешка е сведен на минимум. „Лавовите“ имаат потреба од бодови за да обезбедат сигурен опстанок, а нивниот универзалец Адем Али верува дека денешниот ден ќе биде пресвртница.

„Денеска е денот кога Македонија ЃП стартува позитивна серија. Мотивирани сме на максимум и денеска мора да се освојат бодови. Немаме повеќе кредит, овој меч за нас е од огромна важност,“ изјави Али во пресрет на натпреварот.

Двата натпревари ветуваат квалитетен и борбен фудбал, каде секој бод има огромна тежина во остварувањето на сезонските цели на екипите.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено