Со денешните натпревари во Скопје и Струга, ќе започне и третото коло на Првата македонска фудбалска лига.
Струга Трим Лум ќе го отвори колото на домашен терен против Работнички во 17:00 часот, а вечерниот термин од 20:00 ќе им припадне на домаќините Вардар, кои на Градски ќе ги пречекаат фудбалерите на Брера.
И двата домаќини на денешните натпревари ја отворија новата сезона со по две победи.
Стружани се надеваат дека против Работнички ќе успеат да дојдат до третата победа, а новиот тренер, играчи и мотивација засега им носат резултати. За страната на ФФМ, фудбалерот на Струга ТЛ, Бесмир Бојку, со максимален респект зборуваше за Работнички.
“Би било убаво да имаме ‘три од три’ после Работнички. По двете победи, атмосферата во тимот е одлична, работевме напорно изминативе неколку дена и го анализиравме Работнички. Не треба да се залажуваме, тие се одличен тим, со неколку навистина квалитетни индивидуалци, но и ние имаме верба во својот тим и посакуваме да ги освоиме трите бода. Ќе биде тежок натпревар, ќе дадеме се од себе и се надеваме дека со помошта од публиката ќе успееме да стигне до посакуваниот резултат”, вели Бесмир Бојку.

Од друга страна пак, од Работнички се надеваат дека ќе имаат шанса за “поправен испит” против Стружани. После освоениот еден бод од двата претходни натпревари, тренерот Бојан Маркоски се надева на многу подобро издание од својот тим.
“Не бевме на потребното ниво против Башкими. Создадовме шанси, но не ги реализиравме, а противникот искористи два моменти на невнимание во нашата одбрана. Ги анализиравме грешките, ќе се обидеме да не ги повториме и се надеваме на многу подобар натпревар против Струга Трим Лум. Противникот е еден од најквалитетните тимови во лигата, но Работнички мора да го покаже својот потенцијал и квалитетот, што уверен сум дека го поседуваме, токму на вакви дуели. Одиме да се надигруваме и се надеваме на позитивен исход”, изјави Бојан Маркоски.

Домаќинот од вториот меч, Вардар, исто така одлично ја отвори новата сезона. Тие забележаа убедлива победа против Пелистер дома со 4:1 и победа од 1:2 на гостувањето во Кавадарци.
Најтрофејниот наш клуб е фаворит во мечот против Брера, тим кој нема бод од воведните две кола, но голманот Давор Талески смета дека не треба да се потцени гостинот од Струмица.
“Не смееме да го потцениме тимот на Брера. Тоа не смее да се случи и покрај лошото отворање на сезоната од страна на Брера. Ние одиме од натпревар во натпревар. Добро одигравме во првите две кола, но тоа не смее да не опушти. Мора максимално да се фокусираме, да влеземе многу сериозно во мечот и да бараме победа. Имаме добра низа на резултати и ќе се обидеме серијата да трае. Наша цел е титула и затоа секој меч ни е важен. На тој начин и се подготвуваме”, изјави пред вечерашниот дуел со Брера, голманот на Вардар, Давор Талески.



