Кога Џани Инфантино деновиве слета во Колумбија, тој не пристигна на обичен фудбалски состанок. Претседателот на ФИФА беше пречекан директно на аеродромската писта за да присуствува на инаугурацијата на новиот претседател на државата, Абелардо де ла Есприела. Придружуван од првиот човек на КОНМЕБОЛ, Алехандро Домингез, кој јавно му изрази поддршка, Инфантино уште еднаш покажа дека неговата функција одамна ги надминува границите на спортот.
Во светот на Инфантино, фудбалот се преплетува со високата политика, градењето врски со најмоќните луѓе на планетата и уживањето во луксуз кој доликува на светски лидер. Но, по најголемиот скандал во неговиот мандат, пропаднатиот план за продажба на 21% од комерцијалните права на Светското првенство преку „Fifa Forward Enterprise“, неговата империја почна сериозно да се тресе.
Лимузини, приватни летови и милионска плата
Сликата за претседателот на ФИФА денес наликува на онаа на шеф на држава. Неговото пристигнување во седиштето на ФИФА во Рабат, Мароко, беше проследено со долга колона на блиндирани „Мерцедеси“ и полициска придружба. Ваквиот третман, кој Инфантино го бара ширум светот (иако властите во Нов Зеланд и Ванкувер одбија да му овозможат претседателски конвој од четврто ниво), е само дел од неговиот животен стил.
Летајќи со приватен „Qatar Airways Executive“ авион, тој за време на Светското првенство во 2026 година можеше да присуствува на два натпревари дневно во различни градови.
Овој луксуз е проследен и со огромна финансиска заработка. Кога беше избран во 2016 година, неговата плата изнесуваше 1.3 милиони фунти. Денес, тој заработува над 4 милиони фунти годишно (основна плата од 2.2 милиони фунти и гарантиран бонус од 1.8 милиони). На ова се додаваат и 20.500 фунти годишно само за покривање на тековни трошоци и дневници. Инфантино смета дека овие суми се целосно оправдани поради рекордните приходи што ФИФА ги остварува под негово водство.
Опасната блискост со Доналд Трамп
Најголемиот јаз меѓу Инфантино и фудбалска Европа (предводена од УЕФА) настана поради неговите отворени политички амбиции, особено сојузот со американскиот претседател Доналд Трамп.
Во мај 2025 година, Инфантино задоцни цели два часа на Конгресот на ФИФА во Парагвај бидејќи беше на дипломатска турнеја низ Блискиот Исток токму со Трамп – потег кој предизвика демонстративно напуштање на салата од страна на делегатите на УЕФА. Ситуацијата кулминираше кога Инфантино му ја додели „Наградата за мир на ФИФА“ на Трамп, непосредно пред воените интервенции во Венецуела и Иран.
Пријателството отиде дотаму што Трамп јавно се пофали дека лично му се јавил на Инфантино за да издејствува поништување на црвениот картон на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун на Светското првенство. Капак на сè беше пропаднатиот инвестициски проект на ФИФА, каде приватниот фонд требаше да биде поврзан со семејството на Џаред Кушнер (зетот на Трамп).

Европа бара оставка: Ќе попушти ли императорот?
Критичарите обвинуваат дека Инфантино ја претвори ФИФА во автократски проект, каде профитот е поважен од навивачите. Одлуката да се користат секундарни маркети со неограничени цени за билетите на Мундијалот предизвика револт дури и кај јавните обвинители во САД.
И покрај тоа што тој ретко се соочува со новинарите (само две отворени прес-конференции во последните четири години), Инфантино веќе не може да се крие од гневот на Европа. Заканата на УЕФА за целосен бојкот на турнирите на ФИФА сè уште е активна, а првиот тест ќе биде Светското првенство до 20 години кое наскоро треба да започне во Полска.
Иако европските федерации јасно му порачаа дека го загубиле трпението, Инфантино продолжува да собира поддршка од Африка и Јужна Америка, подготвувајќи се за нов мандат. Битката за душата на светскиот фудбал тукушто влегува во својата највалкана фаза.



