Порака од Кардиф: „Во душата знаеме дека цела Македонија е со нас!“

Објавено:

Студено, но сончево време, и распродаден „Кардиф Сити“ стадион. Ова е сцената за последниот чин од херојските квалификации на Македонија. Утревечер (20:45 часот), нашите „Рисови“ излегуваат на мегдан со Велс во директна битка за второто место во групата, позиција која носи далеку подобар пат во баражот за Светското првенство.

Ако имаше притисок, тој сега е преточен во чист мотив. На официјалната прес-конференција, селекторот Благоја Милевски и капитенот Енис Барди испратија идентична, но моќна порака: тимот е подготвен да „ужива“ во финалето.

Милевски: „Горд сум на овие момци, знам дека ќе го дадат најдоброто“

Селекторот Милевски зрачеше со мирна самодоверба, истакнувајќи дека тимот е во одлична позиција, баражот е веќе обезбеден, а сега се игра за „кајмакот“.

„Никогаш кога се игра за Македонија не недостасува мотивација, а посебно сега, кога се бориме за подобра позиција пред плеј-офот. Тоа носи силен мотив за надигрување“, изјави Милевски.

Неговата порака до играчите беше јасна:

„Подготвени сме за ова што следува. Мојата порака до играчите е да го одиграат со уживање… Горд сум на нив за сè што направија досега овие две години. Знам дека со една таква демонстрација, ослободени од притисок, ќе го дадат најдоброто од себе за да ја израдуваат Македонија“.

Селекторот не очекува големи тактички изненадувања и покрај тоа што Велс мора да брка победа. „Не очекувам многу разлика од првиот натпревар во Скопје. Велс не калкулираше ниту против Лихтенштајн, сигурен сум дека не се штедеа за нас. Ние сме подготвени за соодветен одговор“.

Капитенот Барди ја дефинираше македонската филозофија за „уживање“

Но, што всушност значи „да се ужива“ кога играш ваков клучен натпревар пред 33.000 противнички навивачи? Капитенот Енис Барди даде одговор кој треба да се стави во рамка во секоја соблекувална:

„Често забораваме да уживаме во моментот. Некогаш од стрес и притисок не уживаме во играта. Но, кога мислам да уживаме, мислам да се бориме, да трчаме, да оставиме срце на терен“!

Барди е свесен дека атмосферата ќе биде пеколна, но дека тоа е само дополнителен мотив.

„Нема да имаме премногу наши навивачи утре, но зад нас е цела една нација која ќе ни даде поддршка. Во душата знаеме дека цела Македонија ќе ни дава сила. Знам дека утре ќе дадеме и повеќе од 100% за да ги израдуваме сите. Дај Боже на крај да се радуваме на позитивен резултат“, заврши капитенот.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено