Сите очи на фудбалската јавност вечерва се вперени во мечот помеѓу Њукасл Јунајтед и Ливерпул кој се игра на Сент Џејмс Парк. Ова е прв домашен натпревар за “страчките” на домашен терен, па очекувано сите чекаа да ја видат реакцијата на домашните навивачи.
Имено, покрај тоа што е прв натпревар на домашен терен, ова е и прв натпревар после долгото лето кое го одбележа трансфер-драмата со напаѓачот Александер Исак и тоа токму против Ливерпул, клубот каде тој сака да замине.
Исак не игра и на овој натпревар, а многу од навивачите се лути на начинот на кој тој ја изигра целата оваа ситуација. Досега тој само еднаш се огласи околу драмата и тоа преку Инстаграм порака, во која напиша дека “кога довербата е срушена, не може да се продолжи”.
Иако, менаџментот и тренерот сè уште ја водат нарацијата дека играчот може да се интегрира назад во тимот, навивачите веќе сериозно се налутени на играчот, па вечерва испратија порака од трибините: “Ништо не се постигнува сам. Ние сме град, цела популација. Ние сме Њукасл Јунајтед”.
The message is clear #NUFC pic.twitter.com/QXcmgtfOJr
— Lee Ryder (@lee_ryder) August 25, 2025
Некогашниот идол на навивачите на Њукасл, кој беше поздравуван со специјални кореографии порано, сега е нарекуван “стаорец” на написите кои се наоѓаа на маичките кои се продаваа пред стадионот.
Во секој случај, како и да заврши оваа драма, сепак навивачите заслужија да бидат испочитувани од Исак. На крајот на денот, без навивачите и поддршката од трибините, фудбалерите би биле само луѓе кои знаат како да играат со топката, а она што ги прави идоли се луѓето кои во голем број доаѓаат да ги поддржат на секој натпревар и да ги полнат стадионите за тие да имаат огромни плати.
#HWTL pic.twitter.com/HKcnbz8rNd
— Asim Chaudhry (@AsimC86) August 25, 2025
Исак нанесе голема штета ова лето на имиџот на клубот. И додека менаџментот на било кој клуб може да живее со тоа, навивачите, градот и традицијата на еден клуб се тие кои најмногу ги болат ваквите “предавства”.
Без разлика на односот на играчот со менаџментот, секој од нив, без разлика од кој клуб доаѓа или си оди, има одговорност токму кон навивачите и наследството на клубот кој го претставува, а изборот е едноставен – или ќе си заминеш достоинствено како легенда или ќе го заслужиш гневот од трибините. Очигледно Исак е решен на она второто…
We are Newcastle United. 🖤🤍 pic.twitter.com/gWeCkZBkIh
— Newcastle United (@NUFC) August 25, 2025



