Последен поздрав од една легенда до друга: Андон Дончевски со порака до Васил Рингов

Објавено:

Кога зборуваат легендите, тишината е единствениот соодветен одговор. Веста за заминувањето на Васил Рингов длабоко го потресе фудбалскиот свет, а денес со емотивно писмо се огласи и човекот кој најдобро го познаваше неговиот карактер и лидерство, неговиот тренер и пријател, Андон Дончевски.

„Повеќе од големо фудбалско име“

За Дончевски, Рингов не беше само играч во формацијата, туку десната рака на теренот во времињата кога Вардар беше страв и трепет низ цела Југославија.

„Васил Рингов за мене секогаш ќе биде повеќе од големо фудбалско име. Имавме среќа да соработуваме заедно, јас како тренер, а тој како капитен во време кога апсолутно доминиравме. Можевме да го гледаме на терен мирен и сигурен, а во исто време решителен и храбар, со застрашувачки удар и прецизен центаршут“, пишува Дончевски.

Од Крушево до врвот на Југославија

Популарниот Дончо се присетува на самите почетоци, кога Рингов пристигна во Вардар како засилување од Тетекс, во моменти кога клубот се бореше во Втората лига. Уште тогаш, на подготовките во Крушево, било јасно дека Вардар добива лидер кој ќе ја промени историјата.

„Уште тогаш се гледаше дека станува збор за фудбалер од посебен калибар кој ќе го преземе товарот и ќе го врати Вардар онаму каде што заслужува да биде. Верував дека тој го постигна еден од најважните голови за Вaрдар, иако чудно со глава, гол што значеше многу повеќе од резултат“, се потсетува легендарниот тренер.

„Таквите луѓе не се заменуваат“

Писмото завршува со порака која ја отсликува големината на Рингов не само како спортист, туку и како човек кој остави неизбришлива трага во срцата на навивачите и колегите.

„Таквите моменти не се забораваат. Таквите луѓе не се заменуваат. Почивај во мир, Василе. Честа беше да соработуваме, да те гледаме и да те паметиме. Вечна ти слава“.

Една ера на македонскиот фудбал заминува со Рингов, но спомените на славниот капитен и неговите голови ќе живеат вечно во архивите на „Градски“ и во раскажувањата на генерациите кои растеа со неговите мајстории.


Следете ги приказните на нашите легенди: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено