Македонската А репрезентација денеска официјално ја започна ноемвриската репрезентативна акција со прозивка во хотел „Хилтон“ во Скопје. Ова е последниот собир за годинава во пресрет на пријателскиот меч со Летонија (13 ноември, Скопје) и завршниот квалификациски дуел против Велс (18 ноември, Кардиф).
Никола Серафимов: „Ќе бидеме подготвени за предизвикот“
Нашиот стопер Никола Серафимов истакна дека тимот е подготвен за завршниот предизвик и дека клучот е во задржување на победничкиот дух:
„Пред сè, се надевам дека по натпреварот со Летонија сите играчи ќе бидат здрави, затоа што она што е најважно за нас во овој момент е, секако, натпреварот со Велс. Не очекувам дека стручниот штаб ќе ги „отвори картите“ на тој натпревар, ниту пак дека ќе се подготвуваат некакви тактички варијанти за мечот со Велс, токму поради таа причина, бидејќи тој натпревар е поважен. Сепак, мислам дека со победа против Летонија би влегле во дуелот со Велс во добра, победничка атмосфера, што е многу важно во овој момент.

Мечот со Летонија ќе биде одлична проверка за нас. Потоа следува најважниот натпревар во овие квалификации против репрезентацијата на Велс. Тоа ќе биде многу тежок натпревар, сличен на оној што го одигравме тука, во Скопје. Ќе дадеме сè од себе за да ја израдуваме Македонија и да стигнеме до позитивен резултат.
Кога играте против репрезентации од светска класа, најголемиот товар за време на натпреварот секогаш паѓа на одбраната. Но, многупати сум кажал дека нашата одбрана започнува од најистурениот играч. Така ќе биде и овој пат и се надевам дека ќе успееме да го издржиме нивниот притисок.
Мислам дека низ овие квалификации покажавме дека нашиот пристап, без разлика на противникот, е секогаш на високо ниво. На секој натпревар одиме по позитивен резултат и така ќе биде и против Велс. Ние самите се доведовме во оваа ситуација, благодарение на нашите игри и резултати. Сметам дека очекувањата на јавноста пораснаа и тоа е добро. Но, сето тоа мора да го потврдиме и на терен. Притисокот секогаш постои кога играме за Македонија, но покажавме дека знаеме да се носиме со него“.
Милевски повика 28 фудбалери: без Алиоски, со нови повратници
Селекторот Благоја Милевски повика 28 фудбалери за ноемврискиот собир, со цел да создаде поширока конкуренција за завршниот меч во квалификацискиот циклус. Поради повреда ќе отсуствува Езџан Алиоски, додека во составот се враќаат Бојан Димоски, Лирим Ќамили и Кристијан Трапановски.

Лука Станковски: „Мечот со Летонија е шанса за сите кои ја чекаат својата минута“
Помладиот репрезентативец Лука Станковски верува дека дуелот со Летонија може да донесе позитивни сигнали за тимот и можност за фудбалерите кои чекаат шанса да се докажат во националниот дрес:
„Како и секогаш, Македонија оди на победа. Денес секоја репрезентација има свој квалитет, така што очекувам одличен натпревар, да стекнеме самодоверба и да дојдеме до посакуваната победа. Против Велс следува клучниот дуел од квалификациите – се надевам дека овојпат ќе имаме повеќе среќа и концентрација. Тактиката е на селекторот, а наша задача е да ја спроведеме на терен“.
Македонија ја отвора ноемвриската репрезентативна акција со пријателски меч против Летонија во понеделник, а пет дена подоцна ја очекува завршниот квалификациски судир со Велс во Кардиф, меч кој ќе го заокружи настапот на „црвено-жолтите“ во 2025 година.



