Историјата и уникатната приказна на клубовите се испишува поеднакво на трибините, како и на терените. Ова е приказната за еден од најисконските и препознатливи банери на Енфилд.
Со ширина од шест метри и висина од дури три, овој банер гордо стои на трибините оддавајќи им почит на славните тренери на Ливерпул – Бил Шенкли, Боб Пејсли, Џо Фејган, Кени Далглиш, Рафа Бентиез и Јирген Клоп.
Овој банер кој редовно се истакнува на секој домашен натпревар, ова лето ќе биде надополнет со ликот на Арне Слот, како признание за Холанѓанецот кој им ја донесе титулата во Премиер Лигата за време на неговата прва извонредна сезона на клупата на Ливерпул.
Дебатата беше дали е прерано да се додаде неговиот лик, но навивачите од ирската група која ја започна приказната со банерот, велат дека правилата од самиот старт биле едноставни – ако освоиш титула во Премиер Лигата или Европски куп, тогаш ќе се најдеш на банерот!

Визуелен идентитет на комунизмот и историска препознатливост
Банерот им припаѓа на навивачката група од Ирска, која ја започнал поддржувачот на Ливерпул, Пол Ларкин, во 2003 година. Сега групата брои околу 8 илјади членови, а банерот за прв пат се појавил на трибините на Енфилд во сезоната 2009-10.
Во ерата на владеењето на Бентиез, банерот осамна со сликата на локалниот уметник Дејвид Неве. Дизајнот е инспириран од “Петте глави на комунизмот”, дело кое ги прикажува Карл Маркс, Фридерих Енглс, Владимир Ленин, Сталин и Мао Зедонг.
Ирската фан група, сакајќи да придонесе со нешто свое, создаде исконско дело кое за брзо време стана вистински хит.
“Доаѓавме од Ирска многу често за да ги следиме натпреварите, па сакавме да придонесеме на атмосферата со нешто. Разгледувавме неколку идеи пред да дојдеме до оваа. Нема многу клубови кои ги ставаат тренерите на пиедестал како нас. Повеќето клубови имаат банери само за сегашните или поранешните играчи, но Ливерпул е поразличен”, објаснува основачот Ларкин во интервјуто за “The Athletic“.
🔺 Inspired by a ‘drunken idea’ – and communism
🔺 Four people to lift it
🔺 Why Gerard Houllier isn’t on it…
🔺 … but Arne Slot soon will beThe origin story of one of Anfield’s most iconic banners, as told to @JamesPearceLFC 👇
— The Athletic | Football (@TheAthleticFC) May 18, 2025
“Сè започна со Шенкли. Тој беше најважниот човек во клубот и го започна патот за Ливерпул да биде клубот што е денес”, вели Кејн, уште еден член на ирската навивачка група.
“Луѓето имаат тенденција да ги премислуваат многу работите. Секој пат кога ќе се појави банерот на телевизија, веднаш има луѓе на социјалните мрежи кои прашуваат каде е Жерар Улие? Зошто тој не е на банерот? Но, работите се едноставни – Улие не беше на првичната слика врз која се базираше банерот. Тој освои сè друго со Ливерпул, но немаше освоено титула во Премиер лигата или Лигата на шампионите. Тоа беше критериумот на уметникот”, вели Фланган, член на групата која го истакнува банерот на натпреварите.
Историјата на Ирската навивачка група, нивната визија и една пијана идеја
Фудбалскиот клуб Ливерпул има голема фан база во Ирска. Ларкин, кој работи за транспортна компанија, ја започнал навивачката група пред 22 години, најмногу поради потребата на навивачите кои ги следеле натпреварите да може да се организираат за транспорт и информации за билетите.
“Ние не сме официјална навивачка група. Кај нас нема наплаќање на членарина. Ние немаме ниту претседател на клубот, ниту секретар. Нашата приказна никогаш не беше за создавање профит, беше за да им помогнеме на луѓето кои сакаа да ги следат натпреварите и да помогнеме да бидат информирани за да не ги ограби некој од тур операторите или препродавачите на билети”, вели Ларкин.
Во 1980-те години патот до Ливерпул за ирските навивачи бил малку покомплициран од она што е денес. Тие морале да фатат траект и да се организираат во групи. Сега со евтините летови, патот до Енфилд е многу полесен, а навивачката база постојано расте, па илјадници навивачи од Ирска патуваат скоро за секој натпревар на домашен терен.
Желбата и страста на оваа навивачка група се гледа и во нивниот потег да купат свое комбе во 2012 година, за да овозможат транспорт до Енфилд на членовите од својата група.
“Додека бевме на Европското првенство во Полска имавме една пијана идеја, што доведе до одлично поминати времиња заедно. Но, времињата се менуваат, па сега најчесто летаме на денот на натпреварот”, вели Кејн.

Рутината на банерот околу секој натпревар
Од ирската група велат дека имаат веќе воспоставено редовна рутина за поставување на банерот. На секој натпревар се бираат четворица кои ќе ги држат шипките на банерот, а тие мора да одат порано на трибините и да го постават пред да започнат гужвите. Неговото место секогаш е покрај голот, па неговата позиција можеби е дел од приказната за неговата популарност.
“Бенерот го чуваме во мала просторија зад трибината, каде се чуваат сите транспаренти. Но, мора да ги извадите момците од пабот барем 30-40 минути порано за да го наместат. Затоа и јас го немам држено со години”, низ смеа раскажува Кејн.
Единствената претходна промена на банерот беше направена во 2019 година, кога Клоп беше додаден на него. Ирските навивачи тогаш ги собрале потребните средства преку донации за само 24 часа. Овој пат, тие планираат да го направат истото, велејќи дека им се потребни околу 1.000 евра за да го надополнат сега со ликот на Слот.
Ваквите симпатични приказни даваат надеж дека страста и љубовта кон спортот ќе продолжат да живеат, а останува да го видиме новото издание на трибините од идната сезона.