Премиер Лигата денес (31.10.2025) конечно стави крај на повеќемесечните шпекулации околу најсветата англиска фудбалска традиција. Потврдено е дека сепак ќе се игра фудбал на „Боксинг Деј“ (26 декември), но во драстично намален обем, ќе се одигра само еден натпревар.
Оваа одлука доаѓа откако првичниот распоред објавен во јуни предизвика паника кај навивачите. За оваа одлука за која што пишувавме уште од јуни, сите натпревари првично беа закажани за 27 декември, што доведе до реален страв дека распоредот за „Боксинг Деј“ ќе биде целосно празен.
Денешната потврда, иако е далеку од славните денови на оваа традиција, е барем делумно спасување на празникот.
Единствениот натпревар што ќе се одигра на 26 декември ќе биде големото дерби помеѓу Манчестер Јунајтед и Њукасл Јунајтед на „Олд Трафорд“.
Зошто само еден меч?
Проблемот, кој ние го најавивме, настана бидејќи „Боксинг Деј“ оваа година се паѓа во петок. Новиот, рекордно скап ТВ-договор ја обврзува Премиер Лигата да испорача 33 „викенд“ кола. Бидејќи овој петок (26.12) е технички дел од „викенд“ колото, кое главно ќе се игра во сабота, 27 декември, со седум меча – лигата се наоѓа во договорна стапица.
Ова е огромен преседан ако се спореди со минатото. Последен пат кога „Боксинг Деј“ беше во петок, во 2014 година, се одиграа сите 10 натпревари.
Навивачите сепак разочарани
Иако еден меч е подобар од ниеден, навивачите остануваат гневни. Особено се бесни фановите на Њукасл, кои ќе мораат да патуваат до Манчестер за вечерен термин (20:00 часот по локално време), што е логистички кошмар на празничен ден. „Уште една одлука што никој не ја сака“, е консензусот на социјалните мрежи.
Премиер Лигата во соопштение „ги призна околностите“ и влијанието врз „важната традиција“, давајќи „уверување“ дека следната сезона (кога „Боксинг Деј“ е во сабота) ќе има повеќе мечеви.
За вистинските љубители на традицијата, останува утехата што ЕФЛ (Чемпионшип, Лига Еден и Лига Два) ќе имаат комплетен распоред на 26 декември, како и секогаш.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



