Болидот на Мекларен останува неприкосновен на патеките сезонава, а останува прашањето кој од двајцата “папаја” возачи ќе биде шампион оваа година. Така барем стојат работите по денешните квалификации во Спа, каде Ландо Норис ја освои пол-позицијата за утрешната трка, а Пијастри е веднаш зад него на втората позиција.
На третата позиција ќе стартува Шарл Леклер, а во вториот ред ќе биде и Макс Верстапен, кој претходно денес спектакуларно ја освои спринт трката во Белгија.
Но, временските услови кои се непредвидливи и се менуваат од час во час, сега за сега најавуваат дека утре ќе гледаме водена трка.

Според Верстапен, ваквите услови би биле повторно во корист на Мекларен, поради нивната техника на ладење на гумите, а иако вообичаено тој вози одлично на дожд, сепак се надева дека утре нема да заврне.
Ферари повторно се борат со неконзистентноста која ги прати во текот на целата сезона. Иако Леклер заврши втор, неговиот тимски возач кој има одличен скор на оваа патека во целата негова кариера, денес испадна во првиот квалификациски круг.
Во секој случај, Спа е легендарна патека, која секогаш успева да ги изненади Формула 1 фановите, па се надеваме дека и утре ќе гледаме забавна борба.




