Фудбалскиот клуб Пелистер и официјално врти нов лист и започнува амбициозен проект за натпреварувачката сезона 2026/27. По оставката на досегашното раководство на клубот предводено од Александар Стефановски, како и заминувањето на стручниот штаб, главниот акционер – Општина Битола, експресно реагираше со назначување на нов претседател.
Довербата да го води битолскиот фудбалски миленик му е доверена на Димитар Митревски. Според соопштението од клубот, тој бил единствениот и најдобриот кандидат за претседателското место, прифаќајќи го предизвикот заеднички да се обидат да го вратат клубот во самите височини на македонскиот фудбал.
Човек со шампионско искуство во спортот
Триесет и осумгодишниот Димитар Митревски не е ново име во битолскиот и македонскиот спорт. Зад себе има богата биографија со остварени успешни проекти во сферата на маркетингот и спортскиот менаџмент.
Во спортската јавност, тој е најпознат по неговото успешно долгогодишно раководење со ракометните клубови РК Еурофарм Работник и РК Еурофарм Пелистер, кои под негова палка бележеа историски резултати и настапи во Европа. Сега, неговата експертиза и победнички менталитет ќе бидат пренасочени кон фудбалскиот терен.
Што е следно за ФК Пелистер?
Одлуката за новиот претседател е само првиот чекор во летната реконструкција на клубот. Митревски веднаш започнува со работа, а битолската јавност со нетрпение ги очекува неговите први потези.
Како што најавуваат од клубот, новиот претседател наскоро ќе го објави деталниот план за работа за претстојната сезона. Највисок приоритет во моментов е изборот на нов шеф на стручниот штаб, по што ќе биде официјализиран и стартот на летните подготовки, како и комплетниот план за припремниот период.
Битола повторно сонува за силен и конкурентен Пелистер кој ќе игра значајна улога во македонскиот фудбал.



