Премиер лигата на гласање го отвори најголемото финансиско „ресетирање“ во последната деценија. Од сезоната 2026/27, старите правила за профитабилност и одржливост (PSR), кои ги ограничуваа загубите на клубовите, заминуваат во историја. На нивно место доаѓа нов систем: „Squad Cost Ratio“ или SCR.
На собирот на акционерите во Лондон, клубовите ги разгледуваа трите нови механизми: „анкоринг од горе надолу“ , SCR и SSR. Паднаа три гласања. Анкоринг пропадна веднаш, со само седум клубови „за“. SCR помина со 14 гласа, додека SSR доби целосна поддршка. Практично, Премиер лигата реши да влезе во нова ера каде што трошоците на клубовите ќе бидат врзани директно за приходите, а казните ќе се изрекуваат веднаш, без влечење предмети со сезони.
Што менува SCR?
SCR го прави она што долго време им недостигаше на англиските прописи: ја контролира платната листа на клубовите и трошоците за трансфери преку конкретен процент. Во основа, клубот може да потроши најмногу 85 проценти од својот „релевантен приход“ на плати, амортизација на трансфери и агентски провизии. Приходите од продажба на играчи влегуваат во пресметката, но се делат на три години, за да не може еден голем трансфер во јуни да ги реши сите проблеми.
Ова е повисока граница од УЕФА, која дозволува 70 проценти. Премиер лигата сакаше повеќе флексибилност, особено за клубовите кои не играат Европа, па неколкуте дополнителни проценти се претставени како отворена врата кон поголема конкуренција.
Проверките ќе се прават секоја година на 1 март. Ако клубот е под 85 проценти, е чист. Ако е над тоа, влегува во нова, построга проверка на крајот на сезоната.

Зелени и црвени линии
Во новиот речник на Премиер лигата влегуваат два термина: Green Threshold и Red Threshold. Зелената е 85 проценти и претставува граница на „здраво“ трошење. Црвената почнува од 115 проценти. Клуб може да ја помине зелената, но додека не ја допре црвената, добива само финансиска казна.
Ако ја помине црвената, казната е спортска и веднаш се активира. Минимум шест поени одземање, плус уште еден поен за секои 6,5 милиони фунти над лимитот. Тоа е огромна промена во однос на сегашниот систем, каде што процесите траеја со месеци, а казните паѓаа во друга сезона и влијаеја на сосема поинаков контекст.
Црвената граница се движи. Ако клуб постојано троши над зелената, следната сезона му се намалува просторот за маневар. Ако е дисциплиниран, границата се подигнува. Овој механизам го нарекуваат „Feedback Loop“ и суштински ќе ги дресира клубовите да планираат долгорочно.
Кои клубови се најзагрозени?
Бројките се од минатата сезона, но на хартија пет клуба би биле над границата од 85 проценти: Астон Вила, Нотингем Форест, Лидс, Фулам и Борнмут. Вулверхемптон беа многу блиску. Дел од овие клубови веќе направија крупни продажби и раст на приходи, но ризикот останува.
Особено интересно ќе биде за новите прволигаши. Под PSR тие беа задушени од загубите што ги носеа од Чемпионшип, но SCR ќе ги оценува само за една сезона. Во превод, ќе можат агресивно да вложат веднаш по промоцијата, иако ќе мораат да ја платат цената преку казна ако го надминат зелениот праг.
Зошто пропадна анкоринг?
Анкоринг требаше да биде „тврд кров“ од околу 600 милиони фунти кој би ги запирал најбогатите клубови. Кај мнозинството тоа не помина. Големите клубови сметаа дека лимитот би им ја намалил конкурентноста во Европа, особено во споредба со Шпанија, каде што Барса и Реал имаат далеку поголем финансиски капацитет. На крај, 60 проценти гласаа против. SCR остана главен механизам, без дополнителен таван.
Што значи SSR?
SSR е друга, паралелна проверка. Се фокусира на работен капитал, ликвидност и здрав баланс на сметките. Клубовите мора да докажат дека можат да издржат финансиски удар од 85 милиони фунти, што е симулација на пад во Чемпионшип. Оваа проверка сите ја поминаа без отпор, што покажува дека клубовите не очекуваат проблеми од овој тип.
Крај на PSR, почеток на нов систем
PSR оди во архива. Нема повеќе комплицирани загуби од три сезони, нема пресметки со продажба на хотели, паркинзи или женски тимови за да се покријат трансферите. SCR го врзува трошењето со реалните приходи од фудбал и тоа ќе биде новата нормала.
Колку ќе биде успешен системот, ќе видиме со време. Но едно е јасно: клубовите сега ќе живеат во многу построга рамка, со казни што доаѓаат веднаш и со ограничувања кои ќе бараат паметно планирање. Премиер лигата влегува во нова фаза, а битката за финансиска дисциплина станува речиси исто важна како и онаа на теренот.



