10.8 C
Skopje

Приказната за химната која веќе не мора да биде испеана

Објавено:

Додека ги подготвувавме овие денови статиите за шпанскиот клуб Реал Овиедо, навистина нè заинтересира нивната приказна. Ова не беше само вест за клуб од втората лига кој успеал да дојде до унапредување. Ова е приказна за пасијата, детските сништа, надежта и чистата љубов кон спортот.

Приказна која инспирира и ни дава надеж дека во модерниот брз свет, каде фудбалот стана машинерија за пари, а играчите се мерат во цифри залепени до нивното име, сепак постојат клубови каде фудбалот се игра од љубов, каде татковците ја пренесуваат навивачката пасија на децата и каде песните кои се пеат на трибините се исполнети со чиста емоција.

Токму песната која капитенот Санти Казорла им ја пееше на навивачите по натпреварот со кој беа промовирани во Ла Лига после цели 24 години, нè инспирираше и нам да ја истражиме малку подлабоко нејзината приказна. Чиста емоција на теренот, сплотеност на трибините и искрена радост на жителите на малиот град Овиедо од Астурија…

Извор: https://x.com/TouchlineX

Приказната за детето од трибините кое станало пејач

Песната “Ќe се вратиме” (Volveremos) која се смета за неофицијална химна на клубот Реал Овиедо е испеана од пејачот Меленди, кој и самиот е огромен навивач на клубот. Во интервју за “Carrusel Canalla”, веднаш по натпреварот, пејачот изјави дека влезот во Ла Лига после 24 години чекање бил “остварување на неговиот сон”.

Моментите веднаш по победата го одвеле назад во спомените кога имал 9 години и кога со татко му ги следел натпреварите од трибините, моменти кои ги доживеал многу емотивно, особено кога го слушнал Казарола како почнува да ја пее песната. Тој вели дека сега неговата желба е “клубот да не мора повеќе никогаш да ја испее неговата песна”.

“Сè уште не можам да поверувам. Поминавме низ толку многу, неверојатно е. Најмногу се радувам за младите фанови кои го искусуваат ова сега” – изјава која длабоко го одразува чувството кое го има јавноста за навивачите на овој клуб. Пасија која се пренесува од генерација на генерација, чиста љубов кон спортот која се гради од мали нозе и се негува низ годините.

Извор: https://www.realoviedo.es

Клубот доживеал многу тешки моменти, како паѓањето во третата лига и финансиските проблеми. Но, Меленди вели дека одлучноста на клубот и навивачите да не дозволат нивниот дух да биде скршен, бил пресуден за полека, чекор по чекор, да почнат да се искачуваат повторно нагоре.

Минатогодишниот пораз од Еспањол во финалниот бараж бил огромен удар за овој страстен навивач кој еднаш пропуштил дури и свој настап само за да го гледа клубот како игра на гостувањето во Сантандер. Меленди, кој со многу емоции ја испеа песната пред преполниот стадион Карлос Тартјере пред почетокот на натпреварот, вели дека тоа бил еден од најемотивните моменти во неговиот живот, велејќи дека пеењето на песната таму, му значела повеќе од било која друга негова песна испеана на било кој друг негов концерт.

Погледнете го видеото и погледнете го само изразот на децата кои се наоѓаат на трибините, емоцијата на илјадниците фанови кога ја пеат песната и надежта која обединува, сплотува и инспирира. Сигурни сме дека после тоа ќе сакате да ја дочитате приказната до крај…

Надеж за иднината и љубов која никогаш нема да згасне

Меленди истакна дека тренерот Пауновиќ имал голем удел во успехот на клубот, пофалувајќи го за серијата на победени мечеви, со која ја обезбедиле победата. Но, изрази благодарност и за сите навивачи кои никогаш не го оставиле клубот и не се откажале, како и капитенот кој прифатил да игра за својот клуб од детството и покрај минатите повреди и годините.

Но, тој истакнува дека пасијата за Реал Овиедо не е нешто што се родило само во победите од минатата година. Тоа е чувство кое се пренесува од генерација на генерација. Нешто што “не може да биде изгубено бидејќи не е дефинирано од тоа во која дивизија игра клубот”.

“Јас одев со мојот татко на овој стадион и врските кои ги создадовме таму се нераскинливи”, вели тој, завршувајќи со надеж дека влегувањето во Ла Лига само дополнително ќе ги инспирира младите фанови да ја носат пораката на една вистинска пасија и да го одржуваат наследството на клубот и во годините кои доаѓаат…

Извор: https://x.com/eurofootcom

И за крај, ние се надеваме дека оваа приказна ќе биде само мал потсетник за колку спортот може да обедини, да сплоти, да биде поврзување меѓу генерации и наследство кое останува. Да служи како инспирација за тоа дека спортот е многу повеќе од само игра – тоа е нешто што мора да биде негувано ако сакаме да создадеме подобра иднина за децата. Да ги научиме да сакаат, да веруваат, да ги ценат вистинските вредности.

Па, зошто да не ги видиме и ние стадионите ширум Македонија полни за секој натпревар без разлика во која лига се игра? Да започнеме да негуваме рутина на посета на спортските настани со децата, со млади, со фамилии, без разлика дали противникот е атрактивен клуб од странство или не. Трибините да станат место каде семејствата споделуваат заеднички моменти, каде пријателите се среќаваат секоја недела и убавите приказни се раскажуваат од генерација на генерација…

Доколку ви се допадна песната како и нам, повелете во продолжение слободен превод на текстот од шпански:

“Ќе се вратиме”

Се пресеков
и од вените ми излезе сина крв
Уште од денот кога мојот татко
за прв пат ме однесе на Карлос Тартјере
Ќе се вратиме во првата дивизија
затоа што го заслужуваме тоа
И клубот и нивните навивачи

Ќе се вратиме, ќе се вратиме
Ќе се вратиме и ќе го извикуваме твоето име
Да живее Овиедо, Реал Овиедо
Твоите луѓе никогаш не се кријат.

Не можеме да живееме вака
гледајќи го нашиот тим како пати
Те носиме во срцата
и толку е тешко да те гледаме вака
Да живее Овиедо со пасија
Да живее Овиедо со храброст (во оригиналниот текст зборот е мда* :))
А, ние ќе го дадеме срцето (за тебе)

Сонував дека повторно се родија
срцата на Карбајоните (превод за луѓето од Овиедо)
Со гордоста на постоењето
Во бојата од моето детство
Бојата на мојот живот
Сината која нè виде како растеме

Ќе се вратиме, ќе се вратиме
Ќе се вратиме и ќе го извикуваме твоето име
Да живее Овиедо, Реал Овиедо
Твоите луѓе никогаш не се кријат.

Не можеме да живееме вака
гледајќи го нашиот тим како пати
Те носиме во срцата
и толку е тешко да те гледаме вака
Да живее Овиедо со пасија
Да живее Овиедо со храброст (во оригиналниот текст зборот е м*да :))
А, ние ќе го дадеме срцето (за тебе)

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено