Прилеп остана без својата икона: Згасна ФК Победа! „Мајмуни“ бараат одговорност од „големите главци“

 

Објавено:

Она што се најавуваше како најцрно сценарио за прилепскиот фудбал, вечерва ја доби својата потврда. По децениско постоење, падови и врвови, две шампионски титули и еден Куп трофеј, ФК Победа Прилеп прекинува со натпреварување. Навивачката група „Мајмуни“ преку социјалните мрежи упати тешки обвинувања до раководните структури, тврдејќи дека клубот е свесно жртвуван и покрај обидите за негово спасување.

Неуспешни обиди за „реанимација“

По официјалното соопштение на 10-ти февруари за повлекување од Втората лига, во градот следеа собири на фудбалските вљубеници со надеж дека ќе се најде излез од финансискиот колапс. Сепак, тие иницијативи останаа без одговор од надлежните.

Од навивачката група тврдат дека успеале да обезбедат играчки кадар подготвен да го заврши првенството, но дека биле спречени од „одредени центри на моќ“.

„И покрај сите наши напори да не згасне нашата икона, не бевме успешни. Иако обезбедивме тим кој можеше да се носи барем до бараж, тоа не го дозволи некој ‘голем главец’“, стои во соопштението на „Мајмуни“.

Барање за јавна одговорност и блокирани сметки

Навивачите се децидни дека некој мора да поднесе сметка за долговите кои се таложеле со години. Тие бараат јавно да се објави кој и како му наштетил на клубот од 2014 година па сè до денес, период во кој ветувањата за спас биле само „префрлање на топката“.

Моменталната состојба е повеќе од поразителна – со блокирана жиро-сметка и без никакви приливи, Победа стана „клуб на легенди кои не се од Прилеп“.

Стадионот под клуч?

Дополнителен удар за симпатизерите на клубот е информацијата дека Општина Прилеп ги побарала назад клучевите од просториите на градскиот стадион „Гоце Делчев“. Овој чин се толкува како финализирање на крајот на една ера. Иако низ градот кружат шпекулации за формирање на нов клуб или фузија со друг ентитет за да се избегнат старите долгови, за навивачите ова е денот кога згасна автентичната Победа.

Прилепчани и „Мајмуни“ порачаа дека нема да заборават кој дозволил овој бренд да се избрише од фудбалската мапа.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено